Станува збор за српската „Алта банка“ која пред два месеци ја презеде домашната „Стопанска банка АД Битола“, за што, како што кажа Димитријевиќ, согласност дал гувернерот на Народната банка (НБРМ), Трајко Славески
Од опозициската партија наведуваат дека оваа трансакција наводно е нераскинливо поврзана со финансиско-политичката мрежа на владејачките структури на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, и прашуваат дали ова значи отворање на патот за селење на сомнителен капитал и влијанија од Србија во Македонија. Поради тоа, од СДСМ бараат Финансиското разузнавање и Управата за финансиска полиција да отворат истрага за ова крајно сомнително преземање, да го испитаат потеклото на парите и ризикот од перење пари
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), конкретно нејзиниот т.н. антикорупциски тим, денеска објави нова „бомба“, односно изнесоа наоди за влез на сомнителна српска банка на македонскиот финансиски пазар, која, според нив, е блиска до српскиот претседател Александар Вучиќ, а наводно и до врвот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Наводите на социјалдемократите на прес-конференција ги изнесе Александар Саша Димитријевиќ, член на Централниот одбор на СДСМ, кој обраќањето го почна со:
„Банкарот на Вучиќ стана банкар и на Мицкоски“.
Станува збор за српската „Алта банка“, која пред два месеци ја презеде домашната „Стопанска банка АД Битола“, за што, како што кажа Димитријевиќ, согласност дал гувернерот на Народната банка (НБРМ), Трајко Славески.
Во тој контекст, од СДСМ прашаа дали токму влезот на оваа српска банка била причината поради која Трајко Славески беше избран за гувернер на Народната банка.
Но, според социјалдемократите, клучното прашање е „што се крие зад оваа зделка“ и зошто се реализираат веднаш по доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ.
Повикувајќи се на, како што рече, фактите, Димитријевиќ наведе дека сопственик на „Алта банка“ е Давор Мацура од Србија, кој за краток период од сопственик на мала менувачница во Земун, станува сопственик на банка, земјишен магнат и инвеститор, кој има договори со огромни државни компании во соседна Србија.
Последно, велат од СДСМ, е огромниот државен бизнис на „Електростопанство на Србија“, односно сметките за струја што ѝ се дадени на банката на Мацура.
Според пишувањата на дел од српските медиуми, велат од СДСМ, рецептот за неговиот успех се наводните негови врски со владејачката Српска напредна партија (СНС) и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, неговиот брат и кум.
„Српската опозиција редовно го обвинува Мацура за криминал. А медиумите во Србија го врзуваат пријателството и со Милан Радојчиќ, под американски санкции и на црната листа“,
рече Димитријевиќ.
Тој наведе и дека кога Мацура се обидел да го прошири својот бизнис и во Европската Унија (ЕУ), односно да купи речиси 20 проценти од уделот во австриската „Адико банка“, Европската централна банка (ЕЦБ) му го суспендирала правото поради сомнеж за потеклото на капиталот.
Според пишувањата на весникот „Фајненшл тајмс“, имало долга истрага од страна на ЕЦБ за Алта пеј (Alta Pay) поради сомнежи за перење пари.
Ова, велат од СДСМ, значи дека со преземањето на „Стопанска Банка АД Битола“ од страна на „Алта банка“, е дозволен легален влез на сомнителни финансиски текови во Македонија и отворање врата за можно перење пари.
„Како тоа Европската централна банка има преземено ваков ригорозен чекор, а Трајко Славевски и НБРМ без размислување го дозволиле преземањето во Македонија? Зошто не биле повнимателни? Особено што станува збор за банка од понизок ранг“,
праша Димитријевиќ.
Според него станува збор за српското сценарио за кое предупредувал Социјалдемократскиот сојуз изминатиот период.
Од опозициската партија наведуваат дека оваа трансакција наводно е нераскинливо поврзана со финансиско-политичката мрежа на владејачките структури со Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и прашуваат дали ова значи отворање на патот за селење на сомнителен капитал и влијанија од Србија во Македонија.
Поради тоа, од СДСМ бараат Финансиското разузнавање и Управата за финансиска полиција да отворат истрага за ова крајно сомнително преземање, да го испитаат потеклото на парите и ризикот од перење пари.
„Македонија не смее да стане финансиска платформа за туѓи политички агенди“,
рече Димитријевиќ на крајот на прес-конференцијата.
Инаку, ова е трета „бомба“ од серијалот прес-конференции на кои, како што најави лидерот на СДСМ, минатата недела, антикорупцискиот тим на СДСМ ќе ги открива криминалните шеми на владејачката партија.
Првата „бомба“ беше за злоупотреби во ИПАРД-фондовите, а другата се однесуваше на фирма која добила над 160 тендери од државата, а која социјалдемократите ја поврзаа со актуелниот директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата, Ивица Томовски.
Томовски ги отфрли наводите од СДСМ и најави дека ќе поднесе тужба против партијата.
