Според Апасиев, Џафери како тогашен собраниски спикер се впуштил во мериторно одлучување на содржината на барањето, наместо да го проследи до Законодавно-правната комисија и матичната комисија, а потоа и до пленумот на Собранието кој, како што кажа, се единствено надлежни да одлучуваат по однос на иницијативата за референдум
Џафери, пак, од своја страна, ги негираше ваквите тврдења и рече дека во конкретниот случај постапувал според Деловникот, а иницијативата не ја проследил понатаму затоа што Апасиев задоцнил, односно не го испочитувал рокот во кој пратеникот требало да одговори со прецизирање на иницијативата. Тој категорично ги отфрли тврдењата за дискриминација врз политичка основа и додаде дека никому не забранил политичко дејствување, на што, како што рече, се повикува Апасиев
Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасеив, и неговиот колега од редовите на ДУИ, Талат Џафери, денеска биеја битка со аргументи во врска со одлуки донесени во претходниот парламентарен состав.

Различно од претходните нивни соочувања беше тоа што овој пат местото на вербалната пресметка не беше Собранието, туку главната сала на Уставниот суд. Таму денеска се одржа јавна расправа во врска со барањето на Апасиев поднесено пред две години во кое наведува дека бил дискриминиран врз основа на политичка припадност од страна на Џафери, како тогашен претседател на законодавниот дом.
Спорот меѓу двајцата политичари е за предлог-барањето за покренување граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување задолжителен дополнителен референдум, односно за собирање на уставно предвидените 150 000 граѓански потписи за распишување на референдум на кој граѓаните би се изјасниле за т.н. „француски предлог“, односно заклучоците што Собранието ги донесе на 16 јули 2022 година.
Апасиев во барањето до Уставниот суд поднесено пред речиси две години, а и денеска во Уставниот суд, тврди дека Џафери постапил мериторно со одбивањето на барањето за покренување на референдумот и со тоа ги прекршил одредбите од стариот Деловник на Собранието. Од друга страна, Џафери во својата аргументација наведе дека токму постапувањето согласно Деловникот и формалното придржување до овој акт била причината поради која била одбиена иницијативата на Апасиев.
Покрај нив двајцата, на денешната јавна седница во Уставниот суд присуствуваа и експерти, професори по право, претставници на граѓански здруженија што ја следат правната проблематика и медиуми. Судија известител по предметот за кој денеска се водеше јавната расправа беше Сафет Кадриу, кој на почетокот во неколку точки ги наведе главните делови од барањето на Апасиев. По неговото излагање, збор им беше даден на странките да ги образложат своите позиции.
Џафери одлучувал мериторно, тврди Апасиев
Прв говореше Апасиев. На почетокот наведе дека Џафери од позиција на тогашен претседател на Собранието не го проследил неговото барање за распишување дополнителен референдум, притоа повикувајќи се, според него, на погрешни членови од Деловникот за работа на законодавниот дом. Според она што беше кажано, Апасиев, откако го доставил барањето, тогашниот собраниски спикер утврдил дека референдумското прашање во него не е прецизно поставено и барал да се прецизира. Апасиев повторно поднел барање со коригирано референдумско прашање, но Џафери и овој пат оценил дека тоа не уредно.
Според Апасиев, Џафери како тогашен собраниски спикер се впуштил во мериторно одлучување на содржината на барањето, наместо да го проследи до Законодавно-правната комисија и матичната комисија, а потоа и до пленумот на Собранието кои, како што кажа, се единствено надлежни да одлучуваат по однос на иницијативата.
„Имено, тој вели дека од поставеното прашање се упатува на несоодветно поставено прашање бидејќи заклучоците според него не се општа законска одредба, туку се став кој ја насочува владата. Токму поради тоа, а со цел да не запре постапката во таа фаза, јас го прецизирав прашањето во дадениот рок кој, патем речено, почнува да тече од денот кога го примам известувањето, исто така како граѓанин, затоа што кореспонденцијата како пратеник доаѓа на биро, додека кореспонденцијата како граѓанин доаѓа по пошта. Чудно е што добив после месец и нешто известување и оттогаш почнува да тече рокот по кој јас постапувам и го прецизирам прашањето“,
рече Апасиев.
Според лидерот на Левица, во конкретниот случај станува збор за ultra vires акт (пречекорување на моќите) од страна на тогашниот собраниски спикер кој, како што рече, воопшто немал надлежност да постапува по овој предмет на начин како што постапувал.
„Прво, тој тврдоглаво одбива да ја проследи иницијативата до надлежните собраниски тела, што не е случај во 22 други случаи. Потоа арбитрарно ја узурпира надлежноста на пленумот која е изворна и уставна и се става себеси во позиција на одлучувач или конечен арбитер во случајот и целосно уредната и педантна граѓанска иницијатива дискреционо и малициозно ја прогласува за неуредна. Оттука, моето барање го проширувам со уште еден аспект, а тоа е правото на политичко дејствување. Затоа што сметам дека има политички мотив да не се стигне до пленум поради тенденцијата политичка мобилизација која би следувала во случај на успешен ваков предлог, а тоа е собирањето на потребните 150 000 потписи, што знаеме дека е голема политичка операција“,
наведе Апасиев пред уставните судии.

Џафери: Совеста ми е чиста
Џафери, пак, од своја страна ги негираше ваквите тврдења и го предизвика Апасиев наведувајќи дека во иницијативата тој еднаш фигурирал како пратеник, еднаш како претседател на Левица и третпат како граѓанин. Рече дека во конкретниот случај постапувал според Деловникот, а иницијативата не ја проследил понатаму затоа што Апасиев задоцнил, односно не го испочитувал рокот во кој пратеникот требало да одговори со прецизирање на иницијативата. Според Џафери, рокот од 15 дена во кој Апасиев требало да одговори, согласно член 136 од Деловникот, започнал да тече од поднесувањето на барањето од страна на спикерот, а не од моментот кога тој бил примен од Апасиев.
„Како претседател на Собранието сум должен да ги спроведам Деловникот за работа на Собранието и акти од кои произлегува Деловникот, а тој Деловник произлегува од самиот Устав на Република Северна Македонија и таму се пропишани надлежности на претседателот на Собранието. Во членот 60 една од надлежностите е претседателот на Собранието да ја испитува уредноста на предлогот за покренување граѓанска иницијатива за донесување закон, за распишување референдум на државно ниво и за поднесување предлог за пристапување кон измена на Уставот. Значи, ги испитува овие инцијативи и предлози. Што значи, ги преиспитува. Врз основа на ова, соодветно му укажав на подносителот дека во смисла на членот 135 од Деловникот предлогот треба да се усогласи и врз основа на членот 136 од Деловникот во рок од 15 дена од барањето на претседателот на Собранието, а не по приемот на известието да одговори, да го усогласи. Подносителот тоа го поднесува и одговара после еден месец, надвор од рокот, а членот 136 самиот по себе санкционира ако не се одговори во предвидениот рок“,
рече Џафери.
Тој категорично ги отфрли тврдењата за дискриминација врз политичка основа и додаде дека никому не забранил политичко дејствување, на што, како што рече, се повикува Апасиев.
„Ни под разно не држи работата дека е мотивирано од политичка припадност. Сме имале редовна комуникација (со Апасиев) без оглед на идеолошките и политичките премиси. Ако некој комуницирал во тоа Собрание, бил Талат Џафери претседателот на Собранието, Талат Џафери пратеникот, Талат Џафери министерот, заменик-министерот, на која било функција што сум бил во последните 23 години. Не може да ми се накачи од политички побуди. Што сум го попречил во политиката. Сум спровел постапка, а која не била исправна, требало на друго место да се покрене процедура. Јас се раководам од она што го читам. Суштината е дека совеста ми е чиста пред себе, пред сите, пред јавноста, пред Господ. Ни под разно намерата не е дискриминација“,
рече Џафери.
На овој свој став тој се држеше и одговарајќи на прашањата на уставните судии. Едно од нив му постави претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски, кој се осврна на моментот дека Џафери навел дека поставеното референдумско прашање не било соодветно и посочи дека тоа не е дискреционо право на претседателот на Собранието.
„Прво и основно, кажав дека работата е од формален аспект, не е одговорено во рокот. Добро, во однос на првото известување, може да има елементи на тоа што го кажавте, но нема намера да се цени материјално, затоа што кога навлегов во законот да го видам, тој не предвидува можност за референдум за прашања што се формулирани во процедура за зачленување“,
рече Џафери.

Од друга, пак, Апасиев наведе дека правилата за достава не можат да бидат уредени со Деловник, туку тие се регулирани со Законот за општа управна постапка.
Уставниот суд во однос на барањето на Апасиев за дискриминација по политичка основа треба да одлучи дополнително. Лидерот на Левица очекува тоа да се случи во „пристоен рок“ од неколку месеци. Доколку тоа не биде случај, тој најави дека следната инстанца каде што ќе се обрати ќе биде Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Истиот исход ќе следува, рече тој, и ако одлуката на Уставниот суд биде негативна.
„Искрено, јас очекувам позитивен исход. Доколку биде таков, ќе поднесам дополнителна тужба за надомест на штета. а доколку биде негативен, ќе одиме до Стразбур, тоа се можните исходи“,
изјави Апасиев за медиумите по завршувањето на расправата.
Еден момент со јазикот
Инаку, одржувањето на денешната јавна расправа на момент беше доведено во прашање откако Џафери го почна своето излагање говорејќи на албански јазик.
„Дали планирате да ни се обратите на албански јазик? Во тој случај ќе морам да ја прекинам оваа јавна расправа затоа што немаме обезбедено превод“,
рече претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски.
Сепак, Џафери рече оти нема проблем да зборува на македонски јазик, но додаде: „Треба да разберете дека кога се работи за дискриминација ова е еден дел од таа дискриминација, кога веќе се работи за човекови права“.
„Ви кажувам за почитта кон институцијата што впрочем сум ја почитувал до крај во сите мои постапки и ќе продолжам на македонски јазик, меѓутоа она што го чита судијата за дискриминација е почетокот и доказот и овде сведочи за дискриминација бидејќи знаете и вие и сите дека требало да се обезбеди превод зашто учесникот во оваа расправа е корисник на јазик на кој и по закон и по Устав му се обезбедува правото пред сите судски органи да се обраќа“,
рече Џафери.
Во ситуацијата реагираше и судијката и донеодманешна претседателка на Уставен, Добрила Кацарска, која рече дека во судот има вработено двајца преведувачи од албански на македонски јазик и дека е потребно да се направи само кратка пауза за тие да бидат повикани.
„Ова го кажувам од аспект за утре да не биде злоупотребен судот, за да нема критика кон судот дека еве Уставниот суд не ѝ овозможува на странка во постапка да се произнесува, а доколку вие и понатаму останувате на она што сега го кажавте дека ќе зборувате на македонски јазик, но мора јавноста да знае дека ние имаме двајца преведувачи“,
рече Кацарска, по што расправата продолжи со излагањето на Џафери на македонски јазик.