ИПИС, чиј програмски директор е политичкиот аналитичар Владимир Божиновски, прогнозираше победа на ВМРО-ДПМНЕ во анкета објавена непосредно пред парламентарните избори во 2020 година. На изборите победи коалицијата СДСМ-Беса
ВМРО-ДПМНЕ има подобар рејтинг за 1,9% од СДСМ, според анкета спроведена од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС), објавија повеќе медиуми.
На прашањето – за кого ќе гласате доколку следната недела има парламентарни избори, 23,1 отсто се определиле за ВМРО-ДПМНЕ, 21,2 отсто за СДСМ, 6,9 отсто за ДУИ, 5,9 процентни поени за Коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива, 4,4 отсто за Левица, а 1,1 отсто за Беса.

Телефонското истражување било спроведено во периодот помеѓу 1 и 4 март 2021 г. на 1 109 полнолетни испитаници на ниво на земјава.
„Заради запазување на релевантноста и непристрасноста на истражувањето, беше креиран непристрасен и објективен прашалник врз база на кој подоцна беше спроведена анкетата. Истражувањето беше реализирано со користење на случаен примерок кој беше стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението во Република Македонија. Во него беа запазени демографските специфики на населението како полова структура, старосни групи, степен на образование и етничка припадност, со соодветна поделба на испитаниците според местото на живеење и регионалната застапеност, со тоа што Скопје беше земено како посебна целина поради своите посебности. Истражувањето е спроведено за потребите на ИПИС со цел да се анализираат рејтинзите на партиите. Анкетата е финансирана од сопствени средства на ИПИС“,
се вели во извештајот на ИПИС.
Истиот институт во анкета што ја објави една недела пред изборите на 15 јули 2020, прогнозираше победа на ВМРО-ДПМНЕ со 21,9 отсто поддршка, наспрема коалицијата СДСМ и Беса со 19,8 отсто. На изборите бедија СДСМ-Беса со 18% од гласовите (46 пратеници) наспроти ВМРО-ДПМНЕ со 17,4% (44 пратеници).