Земјотресот предизвика и паника меѓу населението бидејќи предизвика одрони, а дополнително го прекина сообраќајот по патиштата. Тешко пристапниот терен сериозно ги попречува спасувачките екипи да стигнат до изолираните села во планинскиот регион
Земјотрес со јачина од 5,5 степени според Рихтеровата скала денеска го потресе југоисточен Авганистан, два дена откако во земјотрес со јачина од 6 степени во истиот регион загинаа повеќе од 1 400 луѓе и повреди илјадници, пренесува Ројтерс.

Земјотресот што во неделата се случи во Авганистан се смета за еден од најлошите земјотреси што се случил во земјата во последните години, срамнувајќи со земја цели села во регионот.
Сè уште не е познато колкава штета е предизвикана од денешниот земјотрес.
Земјотресот предизвика и паника меѓу населението бидејќи предизвика одрони по планините, а дополнително го прекина сообраќајот на патиштата. Тешко пристапниот терен сериозно ги попречува спасувачките екипи да стигнат до изолираните села во планинскиот регион.
Според Забихула Муџахид, портпарол на администрацијата на Талибанците, досега загинале најмалку 1 411 луѓе, 3 124 се повредени, а повеќе од 5 400 куќи се уништени.
Според авганистанската Црвена полумесечина, хуманитарна организација што работи во регионот, веројатно повеќе луѓе се заробени под урнатините.
Координаторот на Обединетите нации (ОН) во Авганистан изјави дека се очекува да продолжи да расте бројот на жртви.
Авганистан како подрачје е подложен на земјотреси, особено во планинскиот венец Хиндукуш, каде што се среќаваат индиската и евроазиската тектонска плоча.
Источните провинции Кунар и Нангархар беа најтешко погодени од земјотресот што се случи во неделата навечер.