Се работи за илјадници вработени кои се во близок контакт со клиенти, вклучително и вработени во ресторани, барови, спортски сали и фризерски салони
Владата на Нов Зеланд најави дека ќе ја прошири задолжителната вакцинација против ковид-19 за илјадници вработени кои се во близок контакт со клиенти, вклучително и вработени во ресторани, барови, спортски сали и фризерски салони.
Овие промени се објавени во вторникот и конкретно ќе значат дека околу 40 отсто од сите работници во Нов Зеланд ќе мора да бидат целосно вакцинирани против коронавирус или ризикуваат да ги загубат своите работни места, за разлика од околу 15 отсто претходно, пренесува АП.
Во изјава за новинарите, премиерката Џасинда Ардерн рече дека не смета оти новите правила ги надминуваат овластувањата на Владата.
„Ова барање значи дека персоналот и клиентите се третираат подеднакво и тоа ќе игра голема улога во запирање на ширењето на вирусот во областите со најголем ризик, намалувајќи го потенцијалот за ковид да влезе воопшто на работното место“,
рече Ардерн.
Наставниците и здравствените работници се меѓу работниците на кои претходно им било наредено дека задолжително треба да се вакцинираат.
Соопштението на Владата дојде само неколку дена откако Нов Зеланд постави цел целосно да вакцинира 90 отсто од луѓето постари од 12 години, со цел да се прекине циклусот на строги карантински мерки.
Оукленд, најголемиот град во земјата, е во изолација повеќе од два месеци по избувнувањето на делта-сојот.