Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, предложи работодавците да размислат за воведување четиридневна работна недела или други флексибилни опции за кратење на работно време со цел да го поттикнат домашниот туризам.
Ардерн им се обрати на граѓаните на Нов Зеланд преку видео на Фејсбук и истакна дека се размислува за повеќе опции – од пократка работна недела, до дополнителен одмор за граѓаните, како начин за стимулирање на економијата и домашниот туризам, во време кога границите остануваат затворени за странските државјани.
„Мојата порака до граѓаните е да дојдат и да го истражат сопствениот двор, да се запознаат со културата и гостопримството на Маорите“,
изјави Ардерн.
Таа додаде дека голем број граѓани на Нов Зеланд би патувале низ земјата кога би имале флексибилно работно време.
Поради епидемијата на новиот коронавирус, туристичкиот сектор на Нов Зеланд претрпе голема загуба.