Туристите од земјите за кои не се потребни визи, вклучувајќи ги САД, Велика Британија и Сингапур, ќе можат да доаѓаат од 1 мај, додека за другите границата ќе остане затворена до октомври
Нов Зеланд денеска ќе пречека стотици патници од Австралија при повторно отворање на границата со соседната земја, првпат од средината на 2021 година, откако Владата почна да ги ублажува рестриктивните антиковид-мерки
Културно-уметничките друштва на Маори ги пречекаа патниците додека семејствата и пријателите се поздравуваа на меѓународниот аеродром во Оукленд, каде што утрово слетаа два авиона од Австралија.
Нов Зеланд имаше едни од најстрогите ограничувања во светот за време на пандемијата, а границите беа главно затворени од март 2020 година, освен краткорочната дозвола за патување до и од Австралија минатата година, која беше прекината по новите случаи на ковид-19.

Премиерката Џасинда Ардерн изјави за австралиската телевизија дека е радосна поради повторното отворање, а „Ер Нов Зеланд“ соопшти дека денеска има 11 речиси полни летови од Австралија.
На странците претходно им беше забранет влезот во Нов Зеланд, а до февруари жителите кои сакаа да се вратат во земјата мораа да поднесат итно барање до Владата или да обезбедат место во државните установи за карантин.
Повеќето патници што доаѓаат во Нов Зеланд треба да бидат тестирани пред поаѓање и по пристигнување, додека странците треба да бидат целосно вакцинирани.

Туристите од земјите за кои не се потребни визи, вклучувајќи ги САД, Велика Британија и Сингапур, ќе можат да доаѓаат од 1 мај, додека за другите границата ќе остане затворена до октомври.
Нов Зеланд, со население од нешто повеќе од пет милиони, пријави 9 542 нови случаи во изминатите 24 часа, што е значително под максимумот од повеќе од 20.000 нови случаи на ден. Од почетокот на пандемијата се пријавени 497 смртни случаи од ковид-19.