Откако во март 2020 година земјата беше затворена за влез за странци поради пандемијата на коронавирусот, денеска Нов Зеланд ги отвора своите граници, а дозволено е и вкотвување на бродови за крстарење
Нов Зеланд денеска ги отвори своите граници за влез на странци, првпат од март 2020 година, откога земјата беше затворена за влез поради пандемијата на коронавирусот
Границите на Нов Зеланд почнаа повторно да се отвораат во февруари, прво за Новозеланѓаните, а ограничувањата постепено беа ублажувани.
Процесот на повторно отворање заврши вчера, при што на посетителите на кои им е потребна виза, како и на оние со студентски визи сега им е дозволен влез во Нов Зеланд.
Дозволено е и вкотвување и на бродови за крстарење и странски јахти.
Посетителите мора да бидат вакцинирани против ковид-19 и мора да се тестираат најмалку двапати по пристигнувањето во Нов Зеланд.
Новозеландската премиерка Џасинда Ардерн на Кинескиот бизнис-самит во Окленд изјави дека завршувањето на постепеното отворање на границите е огромен успех.
„Тоа беше постепен и внимателен процес од наша страна од февруари бидејќи ние, заедно со остатокот од светот, продолжуваме да се справуваме со жива глобална пандемија додека сакаме нашиот народ да биде безбеден“,
рече премиерката.
Меѓународните студенти даваат значаен придонес за економијата на Нов Зеланд, а образовниот сектор се надева дека ќе профитира од отворањето на границите.
Министерот за туризам на Нов Зеланд, Стјуарт Неш, рече дека враќањето на бродовите за крстарење исто така ќе биде поттик за локалните индустрии.