Ова прашање му беше поставено на министерот за дигитална трансформација во емисијата „360 степени“ на МРТ 1 откако Уставниот суд лани во октомври му даде на Собранието рок од шест месеци соодветно да ја уреди темата зашто, како што оцени, „постојното законско решение овозможува обемно и масовно вмешување од страна на државата во приватниот живот на граѓаните“

Каков е пристапот во новиот предлог-закон за електронски комуникации кон барањето на Уставниот суд од септември 2024 г., со кое му беше даден рок од шест месеци на Собранието соодветно да го уреди прашањето за задржување на т.н. метаподатоци кај телекомуникациските оператори – беше прашан министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
Под метаподатоци се подразбираат информации што откриваат меѓу кои лица е воспоставена комуникација, формата на комуникацијата (мобилна, фиксна телефонија, интернет…), точното време и место на комуникацијата, уредите меѓу кои е воспоставена комуникацијата, локацијата на која некој се поврзал на интернет… Уставниот суд изрази сомнеж дека постојното законско решение овозможува обемно и масовно вмешување од страна на државата во приватниот живот на граѓаните, со оглед на тоа што задржувањето на податоците е неселективно и се однесува практично на целиот телефонски и интернет-сообраќај на секој претплатник, а исклучокот значи дека не постои временско ограничување за чување на овие податоци до коишто било пристапено и биле зачувани, па оттука тие можат да се чуваат неограничено, без да бидат уништени.
„Со овој закон прашањето се уредува поинаку, има фиксен рок од 12 месеци и доколку не е покренато обвинение или има судска пресуда, за бришење на податоците што се чувале и точно ги утврдува можностите кога надлежните институции во согласност со кои закони смеат да чуваат вакви податоци и колку. Направивме измена на три члена и на овој начин многу прецизно утврдуваме како се чуваат овие податоци, кој смее да ги чува и колку време смеат да се чуваат“,
рече Андоновски.
Министерот вели дека тие биле подготвени да ги направат измените и порано, но во комуникација со релевантните институции биле направени дополнителни измени и консултации за да се стигне до решение кое одговара на барањата на Уставниот суд, кое истовремено ќе ги почитува правата на граѓаните.
Законот за електронски комуникации, кој Владата го утврди на седницата на 27 мај, носи и други новини, како што е олеснување на процесот на поставување на инфраструктура за брз интернет и 5Г-технологија, која треба да биде многу подостапна за компаниите зашто, како што вели министерот, се отстрануваат бирократските процеси што го забавувале темпото за нивно поставување.
На новинарско прашање дали ова се прави во пресрет на евентуалниот влез на унграрскиот оператор Фор-ај-џи, Андоновски вели дека ова ќе значи олеснување за сите оператори, сегашни и идни.
„Јас ги слушнав тие коментари, постојат многу заинтересирани оператори на повикот на АЕК, но ова ќе значи олеснување за сите можни оператори, вклучително и барањата на сегашните оператори кои ги имаат до нас дадено дека мора да им се олесни пристапот за поставување на инфраструктура која значи брз интернет, а ќе значи многу за државата оти отвора можност за нови технологии, интернет и брзи смарт решенија во градови. Отвораме поле за сериозни иновации и инвестиции во дигиталната инфраструктура и очекувам инвестиции во дата-центри и ваква инфраструктура, тоа многу ќе го размрда дигиталниот пазар во Македонија“,
вели Андоновски.