Оваа хируршка интервенција станува редовна терапија кај нас. Денеска ќе се изврши кај уште тројца пациенти, а во текот на наредните денови стимулатор на нервот вагус ќе се вгради кај уште двајца со тешка форма на епилепсија. Досега за ваква интервенција, пациентите одеа во странство
Денеска на Клиниката за неврохирургија во Скопје, кај 36-годишна пациентка успешно беше вграден стимулатор на нервот вагус. Станува збор за хируршка метода која за првпат се воведува кај нас како редовна терапија за пациенти со најтешка форма на епилепсија, која тешко се контролира со лекови.
„Операцијата опфаќа имплантација на мал електростимулатор кај пациентот, кој апарат го стимулира вагусниот нерв и тој ја намалува зачестеноста на епилептичните напади кои кај овие пациенти знаат да бидат и по десетина на ден. Електростимулаторот безжично се нагодува во зависност од пациентот“,
велат од Министерството за здравство.
Оперираната пациентка веќе се разбудила и се чувствува добро.

Оваа хируршка интервенција денеска ќе се изврши кај уште тројца пациенти, а во текот на наредните денови стимулатор на нервот вагус ќе се вгради кај уште двајца со тешка форма на епилепсија.
Во земјава има околу 15 илјади пациенти кои имаат епилепсија, а 30 проценти не реагираат на терапија.
„Тоа значи дека имаат толку чести напади, што едноставно не може да извршуваат нормални животни функции. Еден од пациентите, има по десетина напади во ден, а сега со оваа стимулација на нервот вагус, што минува во вратот и тука се поставува електрода, импулсот оди назад и на тој начин се смирува мозочната активност, односно се редуцираат нападите. Оваа метода во изминатите две децении интензивно се работи и е ново поле во невронауката“,
рече министерот Венко Филипче кој смета дека со воведувањето на оваа интервенција како редовна терапија оваа група пациенти има сериозна шанса да се врати во нормалниот живот.
Досега за ваква интервенција, пациентите одеа во странство.

Филипче, кој е неврохирург, денеска учествуваше во операцијата заедно со српскиот доктор, Владо Башчаревиќ, од Клиниката за неврохирургија во Србија, каде оваа метода веќе се изведува, директорот на Клиниката за неврохирургија во Скопје, Владимир Радевски, како и тим лекари од скопската Клиника за неврологија: Емилија Цветковска и Бојан Бошковски, со поддршка од директорот Иван Барбов.