Состанокот доаѓа по средбата на шефовите на влади на земјите членки на НАТО од Југоисточна Европа, а на кој присуствуваа и премиерите на Северна Македонија и Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков, каде што бугарскиот премиер кажа оти има добри вести во однос на работата на историската комисија и извести оти е постигнат напредок за важни историски личности во разговорите за надминување на разликите
Македонско-бугарската Комисија за историски и образовни прашања ќе одржи нов, осумнаесетти по ред, состанок, денеска и утре во Скопје. На дневен ред ќе бидат забелешките дадени од бугарската страна за средовековниот период за нашите учебници по историја за седмо одделение, откако беа разгледани македонските забелешки за бугарските учебници за шесто одделение.
Драги Ѓорѓиев, копретседавачот од македонска страна во Комисијата, за МИА оцени оти работата на Комисијата се одвива во позитивна атмосфера и доколку така продолжи, според него, ќе дојде до приближување на ставовите.
Во однос на прашањето за Гоце Делчев, кое се дискутира од аспект на заедничкото чествување, Ѓорѓиев за МИА вели дека тоа ќе се отвори на овој состанок, доколку остане време.
Состанокот доаѓа по средбата на шефовите на влади на земјите-членки на НАТО од Југоисточна Европа кој се одржа во Софија, а на кој присуствуваа и премиерите на Северна Македонија и Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков.
Петков, на заедничката прес-конференција кажа оти има добри вести во однос на работата на историската комисија и извести оти е постигнат напредок за важни историски личности во разговорите за надминување на разликите.
Тој тогаш кажа дека историската комисија го известила за некои важни историски личности и нивниот третман.
„Ќе ви дадам некои детали. Дојдовме до напредок по тие прашања, на многу конструктивен и реалистичен начин што ни отвора можност за забрзување на нашите преговори. Секако ќе ми треба прво да добијам јас и моите коалициски партнери целосен извештај од Комисијата, но штом добиеме извештај тоа ќе оди многу брзо“,
истакна Петков.
Ковачевски, пак, рече дека историчарите работат независно од политичкиот дијалог и од другите работни групи што работат на други прашања.
„На нашиот состанок тука во Софија, токму во оваа просторија, тие беа тука и кажаа дека ќе ја забрзаат својата работа и штом дојдат до заклучоци врз основа на нивната историска методологија тогаш можат да ја споделат со другите“,
рече Ковачевски.