Според опозициската партија, околу 20 илјади лица во земјава имаат повеќе од еден матичен број, што претставува можност за злоупотреби за време на избори, додека од МВР тврдат дека станува збор за проблем што се провлекува од пред 40 години и кој е пред решавање
Проблемот со двојните матични броеви датира од 1981 година и ведаш по неговото откривањетое пристапено кон поништување на овие матични броеви. Таа постапка веќе подолг период е во тек, при што голем дел од овие матични броеви се поништени, соопшти Министерството за внатрешни работи.
„Изјавата дека во Северна Македонија има 20 000 двојни матични броеви е неоснована и неаргументирана, имајќи ги предвид евиденциите со кои располага Министерството за внатрешни работи“,
реагираат од МВР, по навидите на опозицијата дека во земјава има лица кои имаат и по два единствени матични броја преку кои им се овозможува злоупотреба на институциите.
Според информации од брифинг на ВМРО-ДПМНЕ, покрај тоа што се издавале лажни патни исправи и документи за идентификација, едни исти лица (околу 20 илјади) имаат и по повеќе матични броја.
Случајот со издавање пасоши на лица со криминална позадина, што во МВР го водат како „Двојник“, опозициската ВМРО-ДПМНЕ го именуваше како „Мафија“ и оттаму посочуваат дека позади овој скандал стојат луѓе од актуелната Влада. Сега, велат, овој случај добива продолжение „Мафија 2“, така што, како што тврдат, лица од криминалните структури поседуваат повеќе од еден единствен матичен број.
„Според проверките во избирачкиот список, исто лице е регистрирано еднаш со неговото вистинско име, вистинска адреса, а вториот пат е регистрирано како друго лице, во друга општина. Ова е класична злоупотреба на институциите и тежок криминал, пред сè за гласање на избори“,
велат извори од ВМРО-ДПМНЕ.
Според документи од избирачкиот список, на кои се повикува опозициската партија може да се воочи дека матичните броеви, за кои велат дека се од ист човек со различно име и презиме, се разликуваат само во последните три броја. Како пример го посочуваат и случајот со водачот на турската мафија, Седат Пекер, за кого првично беше објавено дека поседува пасош на име Џадин Амедовски, издаден од МВР. Сега, се појавува уште едно име, Џеладин Адемовски, кое има матичен број кој се разликува само во последните три броја од оној на Џадин.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вчера рече дека во тек е постапка за поништување на двојни матични броеви и дека досега се поништени околу 560 такви броеви кои биле издавани во периодот од 1981 до 1985 година.
„Во моментот, заедно со Управата за воедење на матични книги работиме на поништување на двојни матични броеви. Тоа се броеви кои почнуваат да се запишуваат некаде од 1981 година и требало да завршат до 1985 година. Во тој период се случувало да има издавање по два матични броја за едно лице. Тие секако не можат да бидат искористени во други регистри, меѓутоа постојат такви двојни матични броеви. Затоа, сега презедовме активности. Работевме и во 2020 година на ова и продолжуваме и сега. Досега, се поништени над 560 двојни матични броеви. Ова го кажувам со цел да не излезе дека наводно нешто друго се случува во државата“,
рече Спасовски во вчерашното интервју за Канал 5.
Од МВР, во денешното појаснување, посочуваат дека Одделот за граѓански работи во делокругот на своите надлежности има законска обврска да определува и поништува матичен број на граѓани на Северна Македониј,а според Законот за матичен број.
„Матичен број на граѓанин, според постоечкиот закон, се определува според местото на запишување на граѓанинот во матичната книга на родени. Според Законот за единствен матичен број на граѓаните од 1980 година, кога за прв пат е уредено определувањето на матичниот број, евидентирањето на матичниот број се определувал според живеалиштето на граѓаните, а само за новородените деца според местото на раѓање, а во земјава биле утврдени девет регистрациони подрачја“,
соопштија од МВР.
Од Министерството посочуваат дека определувањето и запишувањето на матичниот број на ваков начин траело од 01.01.1981 до 31.12.1985 година.
„Во овој временски период направени се грешки при определувањето и запишувањето на матичните броеви што довело до определување на дупли матични броеви за едно исто лице. Покрај ова дупли матични броеви се определувале и подоцна како резултат на нецелосни проверки од страна на вработените во управните служби, погрешни податоци добиени од УВМК како и технички пропусти на постоечкиот Систем за автоматска обработка на податоците“, .
посочија од МВР
Заради целосно и навремено ажурирање на матичните броеви, се додава во соопштението, Одделот за граѓански работи, Секторот за управно надзорни работи, Одделението за државјанство, граѓански состојби и матичен број се вклучи во овој процес во делот на утврдувањето на дуплите матични броеви, изготвува списоци со податоци и ги доставува до ОУР Скопје за понатамошна постапка за проверка во матичната евиденција и нивно поништување.
– Досега се обработени дупли матични броеви за тековни години од 1954 до 2019 година. Од 1930 година до 1954 година постапката за проверка на овие матични броеви е во тек и во овој период од направена анализа има помал број на вакви матични броеви. Само за илустрација во ОУР Скопје од 660 дупли матични броеви, поништени се 580, а за 80 постапката е во тек и се однесуваат за евиденција од матичните книги од месните канцеларии на УВМК Скопје и 213 матични броеви кои се за матична книга на родените за Скопје, велат од МВР.