Гласањето траеше 17 часа и немаше независни набљудувачи, а Асад доби 95,1 отсто од гласовите
Сирискиот претседател Башар Асад убедливо победи на претседателските избори во земјата, кои Западот и опозицијата ги сметаат за нелегитимни, обезбедувајќи четврти седумгодишен мандат.
Претседателот на сирискиот парламент Хамуд Сабаг ги објави конечните резултати од вчерашните избори, според кои Асад доби 95,1 отсто од гласовите. Одѕивот, според официјалните податоци, бил 78,6 проценти. Гласањето траеше 17 часа и немаше независни набљудувачи.
Асад формално имаше двајца противници, поранешен министер и поранешен опозиционер, кои не претставуваа закана за него.
Легитимноста на вчерашните избори ја оспоруваат многубројни Сиријци кои не живеат во области под контрола на владата на Асад. Немаше гласање во Северозападна и Североисточна Сирија, во областите контролирани од курдски бунтовници или борци, каде што живеат најмалку осум милиони луѓе, претежно раселени.
Од приближно пет милиони бегалци, кои главно живеат во соседните земји, мнозинството не излегоа на гласање. Официјални лица велат дека 18 милиони луѓе имале право на глас.