Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека закажал одржување конгрес на 28 март во Скопје. Како главни точки, членовите од овој одбор ги најавуваат отчет за сработеното на Христијан Мицкоски, како и гласање доверба.
Според соопштението на членовите на Иницијативниот одбор, тие успеале да обезбедат поддршка од мнозинството делегати кои гласале на конгресот кога беше избран Мицкоски за претседател.
„Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес, по неколку месеци интензивна работа, успеа да обезбеди поддршка и потписи од големо мнозинство на делегати кои учествуваа при изборот на сè уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски. Делегатите кои пристапија се едногласни дека Мицкоски ги изневерил очекувањата и дека не исполнил ниту едно од дадените ветувања за враќање на партијата на победничките патеки, за зголемување на капацитетите за коалицирање и за обезбедување на меѓународна поддршка“,
пишува во соопштението.
Од Иницијативниот одбор најавуваат дека во наредните денови ќе ги формираат телата за спроведување на конгресот, ќе го промовираат слоганот и ќе почнат со дистрибуција на покани и материјали за делегатите. Исто така, повикуваат пријавување на заинтересирани кандидати за претседател.
„Иницијативниот одбор ги повикува сите заинтересирани кандидати за претседател на ВМРО-ДПМНЕ да достават апликации заедно со план за нивно дејствување“,
пишува во соопштението.
Членовите го повторуваат ставот дека партијата е поделена и раскарана, а бегањето од одговорност и од заземање ставови за сите важни прашања од страна на Мицкоски сметаат дека е причината за последователните порази на парламентарните, претседателските, но и предвремените локални избори во Охрид, Штип и Ново Село. Иницијативниот одбор порачува и дека ако Мицкоски ѝ мисли добро на партијата и на државата ќе се повлече од функцијата и ќе го поддржи одржувањето на конгресот.
Иницијативниот одбор од минатото лето бара одржување на вонреден конгрес, а во септември 2020 следуваше и седница на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во септември кога Мицкоски самиот предложи свикување на вонреден конгрес.
„Јас на сопствено барање поднесов предлог за свикување на вонреден конгрес на којшто нема да се кандидирам. Централниот комитет, откако ја напуштив салата го одби едногласно моето барање и не се согласи со ваквиот предлог. Со тоа ми даде полн легитимитет да продолжам да раководам со ВМРО-ДПМНЕ“,
изјави Мицкоски по седницата на 21 септември 2020.