Изборот на главен државен ревизор денеска е повторно пред членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.
Овој пат се очекува конечно да биде избран првиот човек на оваа важна државна институција бидејќи неофицијално од собраниски извори се дознава дека претставниците на политичките партии постигнале договор.
Последните изјави и од власта и од опозицијата минатата недела беа дека се залагаат за широк консензус за кандидат за главен државен ревизор.
Претседателот на Комисијата, Илија Димовски, тогаш изјави дека додека не се постигне согласност за еден кандидат од најмалку седум пратеници нема да свика седница. Комисијата има 12 члена и 12 заменици-члена, претседател и заменик-претседател.
Хари Локвенец од СДСМ, кој е член на Комисијата, најави дека најдоцна оваа недела треба да се реши прашањето околу изборот на прв државен ревизор.
На конкурсот за главен државен ревизор, кој во „Службен весник“ е објавен на 26 декември 2017 година, се пријавиле 12 кандидати, од кои големо мнозинство се ревизори кои работат во институцијата.
Државната ревизија речиси две години функционира без директор, а на 4 октомври годинава истече мандатот и на заменик-директорот, со што е оневозможено нормалното функционирање на Заводот и е доведена во прашање неговата независност.
Поради блокадата, оваа институција нема да може да ја реализира тековната програмата за работа до крај, ниту да ја донесе програмата за работа за 2020 година. Заводот, чија улога е да контрола на државните институции, нема да може да ги контролира ниту финансиските извештаи на партиите од кампањите, имајќи предвид дека следната година во април се најавени предвремени парламентарни избори.