Апаратот е особено важен за новороденчињата, особено за прематурните бебиња, кои поради нивната состојба не можат да бидат извадени од инкубаторите и транспортирани до статичен рендген-апарат

Со новата донација од Јапонската амбасада, мобилниот рендген-апарат марка „шимацу“, кој веќе се користи активно на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје, досега се снимени околу 200 деца.
Според директорот на клиниката, Реџеп Мемеди, овој апарат, со вредност од 60 540 евра, е од огромна корист за најмалите пациенти. Неговата мобилна дигитална технологија овозможува брза и прецизна дијагностика директно покрај пациентите.
Ова, како што рече Мемеди, е особено важно за новороденчињата, особено за прематурните бебиња, кои поради нивната состојба не можат да бидат извадени од инкубаторите и транспортирани до статичен рендген-апарат.
„Со тоа се елиминираат непотребниот транспорт и стресот за децата, а во исто време се намалува и потребата од повторени снимања“,
рече Мемеди.
Јапонската амбасадорка Сецуко Кавахара денеска истакна дека оваа донација е дел од Програмата за мали проекти за човекова безбедност (GGP). Програмата, започната во 1996 година, стана важен столб на соработката меѓу Јапонија и Северна Македонија. Досега, преку Програмата, Јапонија има реализирано повеќе од 70 проекти во здравствениот сектор во вредност од речиси четири милиони евра.
Амбасадорката Кавахара изрази задоволство што донираниот апарат, кој е од реномирана јапонска компанија, веќе има значително влијание врз подобрувањето на медицинските услуги. Таа се надева дека точната дијагноза и соодветниот третман, овозможени од апаратот, ќе помогнат да се спасат многу животи и да се забрза закрепнувањето на болните деца.