Нов ден, нов бран шпекулации за состојбата на лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун.
Дел од таблоидните медиуми, веќе го „погребаа“ севернокорејниот лидер. „Дејли меил“, на пример, повикувајќи се гласини од кинески медиуми, пишува дека Ким Џонг-ун веќе починал. И тој, но и други онлајн медиуми, паралено ја пренесуваат и веста од јапонски медиуми дека севернокорејскиот лидер е во „вегетативна состојба“.
Севернокорејските медиуми, пак, кои се под строга државна контрола, засега молчат.

Додека шпекулациите од час во час се шират низ интернет-просторот, во медиумите како што се „Би-би-си“, „Гардијан“, „Ројтерс“… засега нема никави извештаи во кои се споменува вегетативна состојба или смрт на Ким Јонг-ун.
Последната вест која е објавена е дека Кина испратила делегација во Северна Кореја, во која се вклучени и здравствени експерти, за да го советуваат Ким Џонг-ун.
Информацијата ексклузивно ја објави „Ројтерс“, повикувајќи се на три извори упатени во ситуацијата.
„Патувањето на кинеските лекари и службени лица доаѓа во време кога има спротивставени извештаи за здравствената состојба на севернокорејскиот лидер. ‘Ројтерс’ не беше во можност да утврди што значи патувањето на кинескиот тим во однос на здравствената состојба на Ким“,
пишува „Ројтерс“.
Двајца од изворите ја потврдиле информацијата дека делегацијата предводена од висок член на телото за меѓународни односи на кинеската Комунистичка партија отпатувале од Пекинг за Северна Кореја уште во четвртокот. Меѓутоа, поради чувствителноста на ситуацијата изворите одбиле јавно да го откријат својот идентитет.
Од „Ројтерс“ ги контактирале и споменатото партиско тело на комунистичката партија во Кина и Министерството за надворешни работи, но до објавувањето на текстот денеска не добиле одговор.
Во недостаток на потврда за состојбата на Ким Џонг-ун, тие се повикуваат на порталот „Дејли НК“ со седиште во Сеул, главниот град на Јужна Кореја, и ја пренесуваат информацијата објавена неделава дека Ким закрепнува откако на 12 април му била направена операција на срцето. Свиркачот за оваа информација е неидентификуван извор од Северна Кореја.
Во својот извештај „Ројтерс“, понатаму, потсетува и на последните изјави поврзани со севернокорејскиот лидер. Посочуваат дека по низата информации за „сериозната здравствена состојба“ властите во Јужна Кореја соопштиле дека немаат никакви сигнали дека нешто необично се случува во соседството.

Американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, со изјава во четвртокот ги поткопа овие информации велејќи дека смета оти новинарските извештаи за лошата состојба на Ким Џонг-ун не се точни. Но, Трамп тогаш одби да одговори дали контактирал со севернокорејските власти.
„Во петокот, пак, извор од Јужна Кореја за ‘Ројтерс’ изјави дека нивните разузнавачки информации говорат оти Ким е жив и најверојатно наскоро ќе се појави. За моменталната состојба, пак, изворот рече нема коментар, исто како и за патувањето на кинеската делегација“,
пишува „Ројтерс“.
Во опсежниот извештај, медиумот посочува и на изјава од извор упатен во американското разузнавање кој вели оти е познато дека лидерот на Северна Кореја има здравствени проблеми, но врз основа на тоа не може да се каже дека состојбата му е сериозна.
Шпекулациите за здравствената состојба на севернокорејскиот лидер се појавија откако Ким на 15 април не присуствуваше на одбележување на роденденот на својот дедо, Ким Ил-сунг, кој се смета за вечен претседател.
Меѓу првите кои објавија информација дека Ким Џонг-ун е во критична состојба беше американската телевизиска мрежа „Си-ен-ен“. И тие се повикаа на разузнавачки податоци од американските служби, но во извештајот нагласија дека и покрај информациите кои укажуваат на влошена здравствена состојба, тешко е да се процени сериозноста на ситуацијата.
Последното појавување на Ким Џонг-ун, за кое беше известено во јавноста, беше на 11 април на состанок на државната власт.