„Ако со досегашниот апарат, кој беше стар 16 години, правевме 4 000 магнетни резонанци на годишно ниво, очекуваме со новиот апарат да правиме најмалку 5 000, а тоа зависи од бројот на смени во кои ќе се работи“, вели директорот на Клиниката
Премиерот Мицкоски најави дека ќе има сериозни реформи, и структурни, но и квалитативни, и убеден е дека за неколку години од денеска „ќе имаме комплетно нова претстава во здравството“

Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ денеска доби нова медицинска опрема во вредност од околу 90 милиони денари (1,5 милиони евра).
Опремата вклучува нов апарат за магнетна резонанца од 1,5 Тесла, два лапароскопски столбови и инструментариум за користење во салите за трауматологија.
Директорот на Клиниката, д-р Небојша Настов, истакна дека новата опрема значително ќе го подобри капацитетот и квалитетот на услугите.
„Со овие нови генерации апарати за магнетна резонанца се скратува времетраењето на прегледите, односно се зголемува бројот на прегледи кои може да се извршат во текот на еден ден. Ако со досегашниот апарат, кој беше стар 16 години, правевме 4 000 магнетни резонанци на годишно ниво, очекуваме со новиот апарат да правиме најмалку 5 000, а тоа зависи од бројот на смени во кои ќе се работи“,
изјави д-р Настов.
Тој исто така посочи дека четири операциони сали можат да станат осум доколку има доволно персонал за работа во две смени, нагласувајќи дека не е сè во бројот на салите, туку во нивната искористеност.
Одговарајќи на прашање, д-р Настов најави план за пренамена на одредени простории во соработка со Владата за отворање на посебен Ургентен центар. Целта е да се одделат ургентните пациенти од оние што доаѓаат на редовни контроли или преку „Мој термин“.
Премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека Владата вложува на повеќе фронтови во здравството, но дека е потребно уште многу повеќе, имајќи предвид дека „речиси ништо не е правено, не со години, туку со децении“.
„Деведесет милиони денари не е ни многу, но не е ни малку, имајќи предвид дека речиси ништо не е правено. Ќе има сериозни реформи, и структурни, но и квалитативни, и убеден сум дека за неколку години од денеска ќе имаме комплетно нова претстава во здравството“,
рече Мицкоски.
Тој потенцира дека годишниот буџет за здравство надминува една милијарда евра, што е двојно повеќе од буџетот во време на ковид-19.
Премиерот исто така апелираше до граѓаните да се охрабрат и да пријавуваат индиции за „одредени појави коишто не се добри“ и за „здравствени мешетари“.
„Ќе сторам сè што можам да помогнам, да направиме едно силно јавно здравство, но, од друга страна, оние здравствени мешетари коишто го разрушуваат имиџот да ги пронајдеме и да ги санкционираме“,
додаде Мицкоски.
Министерот Алиу рече дека ова е уште еден имплементиран проект за унапредување на дијагностичките процедури, со цел да се овозможат здравствени услуги во реално време и со повисок квалитет.
