Ако обвинувањата беа точни, вашиот тим немаше да биде на должност во Кабул, а изнесување критики против некој што е во воена зона, кој и служи на својата земја и на нашата Алијанса, од безбедна и привилегирана позиција, како пратеник, е тотално неприфатливо, реагира потполковникот Егил Далтвејт на дискусија на пратеникот Бојан Стојановски
Потполковникот Егил Далтвејт, норвешки одбранбен аташе, ги демантира информациите дека норвешки воени експерти оцениле оти македонскиот главен хирург, предводник на македонскиот тим во воена мисија, не знае да изврши основни хируршки операции.
Реакцијата следува откако пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски, на 39. собраниска седница, оцени дека Министерство за одбрана треба да внимава какви лица се испраќаат во мисии оти тие ја претставуваат нашата држава. Тој го посочи случајот со испраќањето на медицински тим во Кабул, обучуван во Норвешка, за чии припадници, како што рече, норвешки стручни лица оцениле дека не може да ја извршуваат работата самостојно. Дискусијата се однесуваше на две одлуки што оваа седница ги донесе Собранието за испраќање на припадници на Армијата за учество во меѓународната операција на Организацијата на Обединетите нации УНИФИЛ во Либан.
Норвешкиот потполковник, во писмената реакција, посочува дека тоа што пратеникот Стојаноски тврдел дека поседува информации од норвешки воен извештај е неточно.
„Има многу проблеми во неговата изјава. Прво, нема таков извештај, а и ако го имаше, можам да ве уверам дека чувствителните воени извештаи во норвешката Армија не се достапни на други, освен на оние кои треба да ги знаат“,
вели во соопштението норвешкиот одбранбен аташе, потполковникот Егил Далтвејт.
Дополнително потполковникот прашува дали Стојаноски сам ги смислил овие информации или некритички ги прифатил од друг и ги пренесува во јавност .
„Ако обвинувањата беа точни, вашиот тим немаше да биде на должност во Кабул одговорен за спасување на животите на сојузничките и норвешките војници кога е потребно. Трето, изнесувањето обвиненија против некој што е во воена зона, кој и служи на својата земја и на нашата Алијанса од безбедна и привилегирана позиција, како пратеник во македонскиот парламент, според мене, како офицер и одбранбено аташе, е тотално неприфатливо“,
се вели во писмената реакција на потполковникот Далтвејт.
Норвешкото аташе побарало и јавно извинување, но наместо тоа добиле маил од Стојаноски во кој ги обвинува медиумите за тоа што го кажал во Собранието, како да не е одговорен самиот за своите зборови.
„И тој само ми се извини што ги повредил моите чувства. Тој не им се извини јавно на членовите на службата што ги навреди, ниту на Норвешка и на норвешката војска. Затоа, ја давам оваа изјава за да ги изнесам фактите во јавноста“,
истакнува норвешкиот потполковник.
