Сообраќајот беше во прекин поради пожар кај селото Јажинце

Сообраќајот на патот Тетово – Јажинце и кон граничниот премин кон Косово попладнево повторно е пуштен, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
„Граничниот премин ‘Јажинце’ и патниот правец кон Република Косово се повторно отворени за сообраќај“,
вели директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Дека сообраќајот е нормализиран и оти граничниот премин „Јажинце“ е отворен известија и од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Претходно сообраќајот на оваа делница беше во прекин поради пожар на отворено кај селото Јажинце. Од ЦУК рекоа дека сите противпожарни екипи од Тетово и две специјализирани возила на Дирекцијата за заштита и спасување се на терен и работат на заштита на имотите од огнот. На пат кон интервенција се и авион „ертрактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување и хеликоптер на МВР.
Од Авто-мото сојузот на Македонија велат дека забрана за сообраќај за секаков вид возила има и на регионалниот пат Македонски Брод – Скопје. И овде забраната е поради пожар, но се однесува на тој во повеќенаменското подрачје „Јасен“, кој гори веќе неколку дена.