Портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, пред два дена изјави дека приказната, која првично ја објавија некои портали во БиХ дека словенечкиот премиер Јанез Јанша му предал неофицијален дипломатски документ на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во кој тој наводно предлага промена на границите на Западен Балкан и поделба на БиХ по етничка основа, е измислена
Нон-пејперот, кој наводно словенечкиот премиер Јанез Јанша го доставил до Брисел, а кој предвидува обединување на Косово и Албанија, припојување на делови од Република Српска кон Србија и на хрватските кантони во БиХ кон Хрватска, како начин за решавање на отворените прашања на Западен Балкан и забрзување на патот кон ЕУ и НАТО, се појави прво во словенечките медиуми, а потоа и во повеќе медиуми во регионот.
Се наведува дека наводно е добиен од дипломатски извори, а се пренесува во целост, во неофицијален превод:
Западен Балкан – патот напред
Главното прашање на регионот на Западен Балкан, чие членство во ЕУ е загарантирано кога сите земји ги исполнуваат условите во согласност со одлуката на Европскиот совет во Солун, 2003 година, се нерешените национални прашања на Србите, Албанците и Хрватите. Поранешното кралство Југославија и повоената СФРЈ ги криеја и ги ублажуваа проблемите што се разгореа по распадот на СФРЈ. Дејтонскиот договор ја запре војната во Босна, а кампањата на НАТО го заврши етничкото чистење на Косово шест години подоцна – напорите на ЕУ и на НАТО, кои донесоа мир и ветувања за европска перспектива, останаа нерешени.

Во принцип, Дејтонскиот договор го негираше статусот постигнат во оружените конфликти, но практичните решенија де факто овозможија негово признавање. Врз основа на постојните методи и ритамот на решавање на проблемите, тешко е да се замисли европската перспектива на Србија и Косово, а членството на БиХ во ЕУ е целосно исклучено. Освен Турција и неколку локални политичари и нивни приврзаници кои лично имаат корист од хаосот и дисфункционалноста на институциите, никој не е задоволен од ситуацијата во БиХ. Србија, Хрватска и Албанија имаат стабилни влади во моментот и нивните избрани политичари се способни да донесуваат стратегиски одлуки.
Решенија
а) Обединување на Косово и Албанија
Во Косово 95 отсто од населението сака да се обедини со Албанците од кои имаат потекло. Слична е состојбата и во Албанија. Границата меѓу Албанија и Косово не постои и на српските делови на Косово ќе им се гарантира посебен статус според моделот на Јужен Тирол.
б) Спојување на поголем дел од територијата на Република Српска
Српското национално прашање во голема мера може да се реши со спојување на поголем дел од РС кон Србија. Во тој случај, Србија ќе се согласи на припојување на Косово кон Албанија.
в) Хрватското национално прашање може да се реши:
– со спојување на мнозинските хрватски кантони на БиХ со Хрватска
– доделување посебен статус на хрватските делови на БиХ според моделот на Јужен Тирол
г) Бошњаците на тој начин би добиле независна функционална држава и ќе преземат целосна одговорност за тоа.
Граѓаните би гласале на референдум за тоа дали се за во ЕУ или надвор од ЕУ во иднина. Засега, огромното мнозинство Бошњаци ја поддржуваат европската перспектива, но ако продолжи хаосот и растечкото влијание на Турција и радикалниот ислам, ситуацијата може да се влоши драстично во следната деценија.
д) ЕУ во соработка со други фактори во регионот, како што е Иницијативата за три мориња, иницира имплементација на сеопфатна економска програма за стабилизација, подобра инфраструктура и енергетска поврзаност на регионот и рехабилитација на животната средина (ЕК веќе подготви делови од тој план)
ѓ) По усвојувањето и ратификувањето на сите потребни билатерални одлуки во регионот, преговорите за пристапување за членство во ЕУ и НАТО ќе бидат забрзани.

Чекори
а) Премолчена верификација на можностите за спроведување на овој план со носителите на одлуки во регионот (во тек)
б) Премолчена верификација на поддршката за планот од страна на носителите на одлуки во меѓународната заедница (во тек)
в) Сеопфатна програма за комуникација за презентирање на планот пред јавноста, имајќи ја предвид различната атмосфера во одредени делови од регионот
г) Доколку ЕУ, САД и повеќето носители на одлуки во регионот се согласат со планот и чекорите за негова имплементација, иницијативата е официјално покрената од ЕУ
д) Се започнува процесот на комуникација кон различни целни групи
ѓ) Сите потребни билатерални постапки за спроведување на планот, синхронизирани и завршени во правна смисла, се иницирани во согласност со логичката низа
Ако премолчената постапка за проверка и корекција на планот покаже дека не може да се гарантираат потребните согласности на регионалните и меѓународните носители на одлуки, нон-пејперот, до ново известување, останува нон-пејпер.
ЕК: Приказната е измислена
Портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, пред два дена изјави дека приказната што првично ја објавија некои портали во БиХ дека словенечкиот премиер Јанез Јанша му предал неофицијален дипломатски документ на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во кој тој наводно предлага промена на границите на Западен Балкан и поделба на БиХ по етничка основа е измислена.
„Позицијата на ЕУ е многу јасна и нема ништо што треба да се промени. Треба да работиме на регионална соработка и помирување. Тоа е идејата и логиката на пристапниот процес – обид да се решат сите прашања, така што процесот не оди во опасни области, придржувајќи се кон европските закони и принципи“,
изјави Стано.
Но, пред изјавата на Стано, и портпаролот на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изјави дека не можат да потврдат постоење на нон-пејпер предаден од страна на словенечкиот премиер.
„Не можам да потврдам дека го добивме тој нон-пејпер“,
кусо одговори портпаролот на Мишел, иако неколку часа претходно од прес-службите на Мишел стигна потврда за постоењето на нон-пејперот.
Јанша ја демантираше оваа информација, додека европратеничката од Словенија, Тања Фајон, изјави дека стратегијата на словенечкиот премиер може да доведе до нова војна на Балканот.