Промената на времето во земјата е врз основа на годишната практика за регулирање на сметањето на времето и има за цел усогласување со европската регулатива во оваа област
Ноќва почнува зимското сметање на времето. Тоа значи дека стрелките на часовникот се поместуваат за еден час назад – од три часот на два часот. Ова практично значи дека ќе спиеме еден час подолго, односно ќе се разденува порано, но и ќе се стемнува порано.
Зимското сметање на времето ќе трае до последниот викенд во март 2026 година, кога повторно настапува летното сметање.

Промената на времето во земјата е врз основа на годишната практика за регулирање на сметањето на времето и има за цел усогласување со европската регулатива во оваа област.
Изминатите години имаше иницијативи за прекин на праксата за промена на времето, но досега тоа не се случи.
Во 2018 година во Брисел беше предложено да се укинат сезонските промени на времето, но седум години подоцна – сите сè уште ги поместуваат своите часовници во март и во октомври.
Европската комисија во 2018 година ги праша граѓаните на ЕУ што мислат на оваа тема, а резултатот од онлјан анкетата покажа дека 83 отсто од граѓаните на ЕУ се изјасниле за укинување на промената од зимско во летно сметање на времето. Учесниците во анкетата како причина за својот став навеле дека тоа им предизвикува здравствени проблеми.
Европскиот парламент за тоа гласаше во 2019 година, а одлуката требаше да биде спроведена во 2021 година. Сепак, Советот на ЕУ сè уште нема донесено конечна одлука.
Оттогаш работите речиси мируваат.
Сепак, Шпанија одлучи повторно да покрене иницијатива со која би се укинале летното и зимското сметање на времето во Европската Унија.
Експертите велат дека адаптацијата кон оваа мала промена трае најмалку две недели. Според нив, поместувањето на часовникот, што се случува двапати годишно, влијае на здравите лица, но особено на болните и на хронично болните пациенти.
Зимското сметање на времето го применуваат и поголемиот дел од државите на европскиот континент, освен Исланд, Русија и Белорусија.
Сезонско менување на времето, освен во Европа, се применува и во Северна и во Централна Америка, како и во повеќе други држави во светот.
Времето не се менува во Јапонија, Кина, Јужна Кореја, ниту во земјите од африканскиот континент.
