Седницата, која ќе почне во 22 часот, е закажана предмалку и во последен момент
Владата вечерва, со почеток во 22 часот, ќе одржи седница на која ќе го разгледува законот за јавното обвинителство.
Седницата е закажана предмалку и во последен момент, иако претходниот премиер Зоран Заев уште денеска околу пладне најави дека е можно вечерва владата да го пушти во собраниска процедура законот, што СДСМ го посочи како услов за распуштање на парламентот на 12 февруари.
Лидерот на СДСМ рече дека парламентот утре би можел да ја заврши целата процедура околу донесувањето на законот за ЈО, за кој и меѓународните фактори посочија дека е добро да се донесе пред распишување на изборите и пред следните состаноци на ЕУ, во контекст на почетокот на преговорите на Северна Македонија за членство Унијата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави денеска дека очекува парламентот да се распушти во среда, откако во октомври минатата година лидерите на парламентарните партии договорија вонредни избори на 12 април.
„Очекувам в среда да биде распуштено македонското Собрание, како што беше договорено. Како што се договоривме на состанокот кај претседателот на државата Стево Пендаровски. Очекувам сите политичари да си стојат на договореното“,
изјави Мицкоски, денеска во Кавадарци.
За утре, пак, е закажана седница на владата во Охрид.