Нобеловиот комитет соопшти дека венецуелската опозициска лидерка е добитничка на наградата за мир поради нејзината неуморна работа во промовирањето на демократските права за народот на Венецуела и за нејзината борба за постигнување праведна и мирна транзиција од диктатура во демократија
Нобеловата награда за мир за 2025 година ја доби венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо.

Нобеловиот комитет соопшти дека таа е добитничка на наградата за мир поради нејзината неуморна работа во промовирањето на демократските права за народот на Венецуела и за нејзината борба за постигнување праведна и мирна транзиција од диктатура во демократија. Се додава дека Марија Корина Мачадо е еден од највпечатливите примери за храброст во Латинска Америка во последно време и клучна обединувачка фигура.
„Мачадо се залагаше за слободни и фер избори пред повеќе од 20 години. Нобеловата награда за мир за 2025 година оди кај жена која го одржува пламенот на демократијата. Мачадо е клучна обединувачка фигура. Токму ова е она што лежи во срцето на демократијата, нашата заедничка подготвеност да ги браниме принципите на владеењето на народот. Во време кога демократијата е под закана, поважно од кога било е да се брани“,
порача Јерген Ватне Фриднес, претседателот на Нобеловиот комитет.
Марија Корина Мачадо e родена во 1967 година. Таа e венецуелска политичарка, индустриски инженер и лидерка на опозицијата во Венецуела. Од 2011 до 2014 година била дел од парламентот на Венецуела.