Китагава (74) од Универзитетот Кјото во Јапонија, Робсон (88), Британец кој работи на Универзитетот во Мелбурн, и Јаги (60), Јорданец кој работи на Универзитетот во Калифорнија, Беркли, развија нова форма на молекуларна архитектура
Нобеловата награда за хемија оваа година се доделува на Сусуму Китагава, Ричард Робсон и Омар М. Јаги за развојот на металооргански рамки (МОФ), објави денеска Кралската шведска академија на науките.

Рамките содржат простори низ кои можат да течат гасови и хемикалии, овозможувајќи, на пример, собирање вода од пустинскиот воздух, заробување на јаглерод или складирање на токсичен гас.
„Китагава (74) од Универзитетот Кјото во Јапонија, Робсон (88), Британец кој работи на Универзитетот во Мелбурн и Јаги (60), Јорданец кој работи на Универзитетот во Калифорнија, Беркли, развија нова форма на молекуларна архитектура. Во нивните конструкции, металните јони функционираат како камен-темелници кои се поврзани со долги органски (базирани на јаглерод) молекули. Заедно, металните јони и молекулите се организирани за да формираат кристали кои содржат големи празнини“,
соопшти Академијата.
Овие порозни материјали се нарекуваат металооргански рамки (МОФ). Со менување на градбените блокови што се користат во МОФ, хемичарите можат да ги дизајнираат за да заробат и складираат специфични супстанци.
Рамките, исто така, можат да поттикнат хемиски реакции или да спроведуваат електрична енергија, се објаснува понатаму.
„Металоорганските рамки имаат огромен потенцијал, носејќи претходно непредвидени можности за материјали изработени по мерка со нови функции“,
изјави Хајнер Линке, претседател на Нобеловиот комитет за хемија.
Триото ќе ја подели наградата од 11 милиони шведски круни (1,17 милиони американски долари).