Денеска се очекува средба меѓу Мицкоски и министерот за здравство, на која, како што најави вчера премиерот, ќе побара став од Таравари дали е точно дека има договор со ДУИ за локалните избори
Ниту сме такси превоз ниту чамец за спасување на имиња и презимиња, вели министерот за здравство и лидер на крилото на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој е дел од власта, но не и од лидерството на ВЛЕН, кое е во процедура на трансформација од коалиција во еден политички субјект.

Таравари, кој е во политичкиот фокус по одлуките што неговата партија ги презеде во пресрет на локалните избори, а кои ги налутија довчерашните негови сојузници од ВЛЕН, ваквата порака ја испрати преку објава на социјалните мрежи.
По критиките дека разговара со ДУИ за соработка на локалните избори, а за што одговор дали е тоа случај чека и премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство на својот личен фејсбук-профил напиша дека тие судбината на овој народ ја сфаќаат посериозно од други имиња и оти не прават никакви потези за задоволство или гнев на некого.
„Изјавуваме дека судбината на овој народ ја сфаќаме посериозно отколку другите имиња и дека сме ослободени од нивните комплекси, кои се претворија во Едипов комплекс. Ние не правиме никакви потези за задоволство или гнев на некого! Дури и оние што даваат пророштва во наше име, како Баба Ванѓа, треба да се занимаваат со пообјективни работи отколку со ‘предвидување на иднината’. Ние не сме ниту такси што нè користат за превоз, а потоа ни ги земаат клучевите, ниту чамец за спасување за имиња и презимиња. Ние сме Алијансата за Албанците која работи само во интерес на народот!“,
напиша Таравари.
Инаку, денеска се очекува средба меѓу Мицкоски и министерот за здравство. Најавата дека таа најверојатно ќе се случи денеска, викендов дојде од премиерот, кој рече дека дека на средбата од Таравари ќе побара став – дали е точно дека има договор со ДУИ.
Мицкоски вчера изјави дека сака да знае дали Таравари и ДУИ се договориле меѓусебно да соработуваат во пет или шест општини каде што само една од тие две страни ќе извади кандидати, а другата ќе ги поддржи. Тоа, рече Мицкоски, за него како претседател на Владата е неприфатливо.
„На таа средба јасно сакам да слушнам став – дали е точно дека има договор помеѓу Таравари и ДУИ дека во најмалку пет или шест општини каде тој ќе извади кандидати, ДУИ нема да извади, што прво значи себепонижување како политичка партија, а второ дека тивко ќе го поддржува. Тоа за мене е неприфатливо како претседател на Владата“,
кажа Мицкоски.
Претходно, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во гостување во емисијата „360 степени“, рече дека ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од изборното ветување дека ДУИ ќе биде во опозиција и оти доколку некој смета дека треба да соработува со нив, несомнено ќе биде во опозиција, дополнувајќи дека досега нема никаква официјална најава од Таравари дека ќе коалицира со нив, но и оти ако тоа се случи, ќе се смени и реалноста.
На изјавата на премиерот реагираа од Демократската унија за интеграција (ДУИ), од каде што изразија загриженост поради, како што ги нарекоа, континуираните обиди на Мицкоски да се наметне како тутор на албанската политичка сцена во земјава.
Според ДУИ, тоа претставува опасен и неприфатлив обид за реконфигурирање на политичката волја на албанските гласачи.
„Ова е црвена линија што никогаш досега не е премината – и што никогаш нема да биде дозволено да се премине“,
велат од ДУИ.
Во партиското соопштение, ДУИ го обвини Мицкоски дека е политичар кој ја има изградено својата кариера врз омраза, исклучивост и национализам и дека нема ниту морален, ниту политички легитимитет да го дизајнира албанското политичко претставување.
„Албанското политичко претставување произлегува исклучиво од волјата на граѓани Албанци – автентично, достоинствено и слободно. Тоа не е предмет на пазар, дизајн или политички инженеринг од политичари кои неспособноста да раководат ја покриваат со омраза и се плашат од мултиетничноста наместо да ја прифатат како вредност“,
наведоа од Мала Речица.