Во однос на присуството на настани како поставување камен-темелници за пазари и отворање други објекти, Заев рече дека тоа било со цел да се прават позитивни настани и позитивни вести во услови на колективна психолошка депресија, предизвикана од пандемијата
Премиерот Зоран Заев смета дека нема потреба некој да понесе одговорност за тоа што изминатите денови има голем број заразени и почнати од ковид, а државата досега не презеде посериозни мерки за да го спречи овој раст.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека напротив, сѐ е направено професионално. Во однос на присуството на настани како поставување камен-темелници за пазари и отворање други објекти, Заев рече дека тоа се позитивни настани и позитивни вести во услови на колективна психолошка депресија која се манифестира и на индивидуално ниво, а не е во прилог на кампања за локалните избори.
„Изборите ќе бидат за 8 месеци, она што го правиме не е за локалните избор, туку за ширење позитивни вести. Еве, велешани 30 години чекаат затворен пазар, се радуваат и истото беше со другите капитални проекти, како детски градинки и училишта“,
рече Заев.
Тој додаде дека има различни мислења со медиумите, но дека никогаш не се обидел да побара одговорност ниту да ограничи некој да мисли различно од него.
„Дали ја треба да понесам одговорност или градоначалниците што ме поканија? Не мислам дека треба и нема да понесам и нема да побарам затоа што ние, за разлика од вас, веруваме во различни аспекти, дека треба да охрабриме и затоа не чувствуваме никаква одговорност. Некој да направи харикири, да направи што било во поглед на тешкотијата и мачнотијата што ја имаме сите во душата? Што е тоа што се случува кај нас, а не се случува секаде во светот? Никој нема ни предрасуди ни резерви, овде сме за да им служиме на граѓаните и ова пред сѐ е чест и одговорност, посебно во вакви тешки околности“,
рече Заев.
Но на новинарско инсистирање да каже дали ќе има некаква одговорност за лошите проценки, Заев рече дека апсолутно тука не гледа никаква одговорност, бидејќи со барањето одговорност ситуацијата апсолутно нема да се промени.
„Кажете каква одговорност, нема проблем, еве потенцирајте – Заев да си поднесе оставка, Венко да си даде оставка, кој да си даде, доктор Илир, доктор Милена, доктор Лилјана од Струмица, кој? Кажете ја слободно оставката ако ја барате. Не е проблем оставката. Горчина е насекаде во душите. Нашиот здравствен персонал и сите здравствени експерти прават повеќе од тоа што е возможно и тоа што се очекувало од нив и апсолутно нема потреба никој од здравствениот аспект да понесе никаков вид одговорност. Тоа се нашите херои, сите – од министерот за здравство, заменикот, па до последниот здравствен работник или администрација што им помага на здравствените работници во тој дел“,
рече Заев.
Тој најави дека се подготвуваат ордени и медали за заслуги за сите овие лица.