Бидејќи сведокот Денис Даутовски е недостапен за органите на прогон, денеска беше прочитан неговиот исказ даден пред Обвинителството во Кочани

Во судницата на затворот „Идризово“ денеска продолжи судскиот процес за пожарот во кочанското т.н кабаре „Пулс“. На рочиштето се бараа психијатриски вештачења, се читаше исказ на сведок и се дадоа предлози за проверка на достапност.
На рочиштето не присуствуваше ниту еден од предложените сведоци на Јавното обвинителство.
Обвинителството побара ангажирање вешти лица од областа на психијатријата за сведоците Ана Томева и Лина Крстова. Целта е да се утврди дали нивната моментална здравствена состојба дозволува повторно непосредно сведочење или, пак, се исполнети условите од член 388 став 5 од Законот за кривична постапка за само да се прочитаат нивните претходни искази.
Од Обвинителството рекоа дека по пристигнувањето на извештајот од стручното лице тој ќе биде доставен до судот и ќе се пристапи со предлогот во однос на овие сведоци што ќе зависи од наодот.
Адвокатите на обвинетите побараа овие сведоци целосно да се повлечат, тврдејќи дека доколку се утврди душевно заболување, нивните претходни искази ја губат веродостојноста. Сепак, судот го прифати предлогот за вештачење.
За сведоците Александра Пепеларовска и Теа Ѓорѓиевска, со кои Обвинителството не успеало да стапи во контакт, судот прифати да бидат испратени покани.
За Дарио Трифунов, Обвинителството достави известување дека од страна на полицијата биле известени дека сведокот се наоѓа во Република Бугарија на студирање на непозната адреса.
Обвинителството предложи од страна на судот да биде испратена наредба за проверка на достапност на овој сведок, а повторно со цел да се пристапи кон примената на законот.
Судот прифати поканите за Пепеларовска, Ѓорѓиевска и Трифунов да бидат доставени за главната расправа закажана за 22 април 2026 година.
Бидејќи сведокот Денис Даутовски е недостапен за органите на прогон, денеска беше прочитан неговиот исказ даден пред Обвинителството во Кочани.
„Во поглед на поставување на опремата беше задолжен Филип Стевановски, кој сега е починат. Осветлението беше препуштено на сопствениците, а во поглед на прскалките, знам дека Панчо во првиот наврат кога почна да ги користи, првично набави кутија со осум правоаголници со деветволтна батерија, каде што треба да се постават патрони, кои потоа со далечинско треба да бидат активирани“,
наведено е во исказот на Даутовски.
Во исказот се додава дека не му било познато од каде ја набавил оваа кутија, но оти знае дека Панчо ја носел во своето возило.
„Претпоставувам дека прскалките ги набавил од истото место што мене ми го посочи. Откако беа набавени, јас лично видов дека ги поставуваше Мартин Буцо, а претходно ги поставував и јас. Прскалките ги активиравме истовремено бидејќи далечинското имаше само едно копче. Мислам дека при договарање на настапите, внесувањето на прскалките беше најавувано кај сопствениците на локалот, но дали било пријавувано до надлежниот орган, не знам“,
се наведува во исказот на Даутовски.
Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“, кој избувна на 16 март 2025 година и во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, се наоѓа во фаза на доказна постапка. Процесот го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители
