По обвинувањата од пратеникот Бране Петрушевски, директорот на Здравствениот дом Куманово, Фарук Алили, вели дека ниту една од нововработените медицински сестри во установата не е членка на ДУИ и нагласи дека за вработувањата одлучува стручна комисија, а не самиот тој
Директорот на Здравствен дом Куманово, Фарук Алили, ги отфрли како невистини тврдењата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, оти од установата биле отпуштени четири искусни медицински сестри за на нивно место да дојдат кадри на ДУИ кои се нови и без искуство.
Алили потврди дека од установата се отпуштени три медицински сестри од албанска, а не од македонска етничка припадност, но не негира дека десетте нови вработени се Албанки. Додаде дека ниту една од нововработените медицински сестри не е член на ДУИ.
Потенцира оти постои стручна комисија која одлучува за вработувањата, а не самиот тој.
„Ниту една не е член на ДУИ. Дури и од мојата партија реагираа дека не се вработени нејзини членки. Јас не можам да кажам ништо за тестовите, си има стручна комисија која ги разгледува и оценува. Автоматски се рангираат кандидатите, согласно оценките од средно образование и знаењата покажани на тестирањето. Како јас да интервенирам кои се од ДУИ, кои од друга партија. Исклучиво се залагам за вработувања на стручни кадри, никако партиски“,
вели директорот на Здравствениот дом Куманово, Фарук Алили, пренесе МИА.
Наместо да шири дезинформации и да прави етнички тензии, Алили му порача на пратеникот Петрушевски во иднина повеќе да се информира.
Опозицискиот пратеник Бране Петрушвски вчера обвини дека четири искусни медицински сестри од Здравствениот дом Куманово се избркани од работа за на нивно место да дојдат кадри од ДУИ. Тој ги повика институциите да го испитаат случајот, да го поништат огласот и да се вработат стручни и искусни сестри.
