Министерот појасни дека Македонија нема резидентно дипломатско-конзуларно претставништво во Иран и додаде дека се објавени повеќе контакт-телефони од Министерството за надворешни работи и од македонската амбасада во Анкара, а кои можат да помогнат да се мобилизира државата доколку постои потреба од евакуација на наши граѓани

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија е во состојба да ги мобилизира сите ресурси за евакуација на македонските државјани од Иран, иако до овој момент ниту еден граѓанин не побарал помош, информира денеска министерот Тимчо Муцунски.
Поради тенденцијата на влошување на безбедносната состојба во Иран, Муцунски потсети дека Министерството веќе упати официјален повик до граѓаните да не патуваат во Иран.
„Досега од нас не е побарана помош од ниту еден македонски граѓанин што е на територија на Иран. Пред неколку дена објавивме повик во кој прво ги информиравме граѓаните дека не треба да патуваат таму“,
изјави Муцунски.
Министерот појасни дека Македонија нема резидентно дипломатско-конзуларно претставништво во Иран и додаде дека се објавени повеќе контакт-телефони од Министерството за надворешни работи и од македонската амбасада во Анкара, а кои можат да помогнат да се мобилизира државата доколку постои потреба од евакуација на наши граѓани.
„Со Иран билатералната соработка не е на највисоко ниво и немаме наше претставништво таму, но сите наши ресурси сме подготвени да ги ставиме на располагање доколку се појави потреба за помош на нашите државјани“,
додаде министерот.
Пред два дена, по влошената безбедносна состојба и ескалацијата на протестите во Иран, од министерството упатија апел до македонските државјани кои моментално се наоѓаат во земјата – да ја напуштат во првата можна и безбедна прилика.
Министерството за надворешни работи ги има ставено на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните на Република Северна Македонија, преку 24-часовниот СОС-дежурен телефон: +389 75 268 736, електронската адреса: [email protected], како и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Анкара: +90 539 456 97 10.
Иран изминатите денови се соочува со масовни антивладини протести поради влошената економска состојба во земјата. Според иранската група за човекови права ХРАНА, со седиште во САД, бројот на жртви од протестите во Иран достигна 2 403 лица. Организацијата соопшти дека ја потврдила смртта на 2 403 демонстранти, 147 загинати се поврзани со владата, а меѓу жртвите се 12 малолетници и девет цивили кои не биле вклучени во протестите.
Немирите во Иран, предизвикани од тешките економски услови, претставуваат најголем внатрешен предизвик за иранските лидери во последните години и доаѓаат во време на растечки меѓународен притисок врз Иран поради неговите нуклеарни и балистички ракетни програми.
