Лидерот на Беса и нов градоначалник на Тетово, кој прво инсистираше на тоа дека Владата има мандат до 2024 година, по заплетот во Желино, се воздржува од коментар околу иницијативата за недоверба на владиниот кабинет, кон која првично се приклучи и неговата партија. Единствено, на синоќешната средба со францускиот амбасадор бил повторен партискиот став дека „земјата никако не треба да го менува својот политички дискурс во однос на интегративните процеси“
Билал Касами, претседателот на Беса, која, иако е во коалиција со СДСМ, потпиша за изгласување недоверба на владиниот кабинет, денеска избегна одговор дали неговата партија останува во Владата. На такво прашање од ТВ21, новоизбраниот градоначалник на Тетово одговори единствено дека денеска треба да го среди проблемот со отпадот во градот.
Во петокот, пред да биде договорена иницијативата за недоверба на Владата, на Касами и формално му престана пратеничкиот мандат. Откако во вториот круг од локалните избори тој беше избран за градоначалник на Тетово, неговото место го зазема пратеник на СДСМ од шестата изборна единица, со оглед на тоа што партиите на Касами и на Зоран Заев одеа во коалиција на ланските парламентарни избори.
Со тоа Беса остана со тројца пратеници (Кастриот Реџепи, Басри Бајрами и Фадил Зендели, но тие не учествуваа на средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во петокот во Собранието, која финишираше со објава за „ново парламентарно мнозинство“. На оваа средба, Беса ја претставуваше генералниот секретар и единствен министер во Владата на СДСМ, Арјанит Хоџа, кој претходно и го најави можното излегување на партијата од Владата, поради тоа што ДИК прифати приговор на ДУИ за Желино.
Од друга страна, Управниот суд вчера ја прифати тужбата на Беса за избирачкото место 2107 во општина Желино, што значи дека таму ќе нема прегласување и дека за градоначалник е избран Блерим Сејди, кандидат на Беса.
Пред да настане заплетот околу Желино, Касами настапуваше со став дека Владата треба да опстои, затоа што има мандат до 2024 година и дека нема потреба од предвремени парламентарни избори.
Касами, исто така, најавуваше зголемување на досегашното парламентарно мнозинство, во кое партиципира и Беса, а брои 62 пратеници.
Касами и Хоџа вчера имале средба со францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер, при што, како што соопштија од прес-служба на Беса, бил повторен партискиот став дека земјата никако не треба да го менува својот политички дискурс во однос на интегративните процеси.
„Како политичка партија, ја изразивме нашата загриженост да не се прекрши пресудата што ја донесе народот на 17 октомври и 31 октомври. Со господинот Бомгартнер разговаравме и за политичката ситуација создадена во последните денови. Го повторивме нашиот став дека државата никогаш не треба да го менува својот политички дискурс за интегративните процеси и во исто време постојано да работи за доброто на земјата. Амбасадорот на Франција го поздрави ставот на Беса, нагласувајќи дека единствениот пат за Македонија е ЕУ“,
соопштија од Беса.