Рафинеријата има, како што посочи, доволно време да им исплати плати на вработените, да им плати на сите добавувачи, да ги подготви своите вработени за сè што следи
Српскиот претседател, Александар Вучиќ денеска изјави оти нема добри вести во врска со рафинеријата „Нафтена индустрија на Србија“ (НИС) во Панчево, односно дека не е добиена позитивна одлука за лиценцата од Соединетите Американски Држави (САД).
Посочи дека во таа насока, државата дала дозвола рафинеријата НИС во Панчево да престане со работа.

„Очекувавме да добиеме лиценца од САД за да продолжиме да ја снабдуваме нашата рафинерија во Панчево со нафта, но не добивме позитивна одлука“,
рече тој.
Ова тој го кажа по состанокот со тимовите задолжени за енергетската стабилност и безбедност на земјата, посочувајќи дека е изненаден од ваквата одлука.
„Недвосмислено е дека Русите не сакаат да го продаваат својот дел и тоа е нивно право – тие се сопственици, но ние имаме многу проблеми со тоа“,
додаде Вучиќ.
Според него, хрватски ЈАНАФ не дозволи увоз на нафта што не би била наменета за рафинеријата во Панчево, туку за нивните стокови резерви.
„Денес е 54. ден откако се воведени санкциите за НИС. Во моментов рафинеријата работи во топла цискулација“,
рече тој.
Зборувајќи за последиците, Вучиќ кажа и дека рафинеријата во Панчево губи 370 000 евра дневно поради режимот во кој моментално работи.
„Немаме индикации дека Американците ќе донесат позитивна одлука. Останува Министерството за рударство и енергетика да го информира НИС дека немаме индикации дека ќе издадат лиценца за работа на рафинеријата, што ќе предизвика таа да престане да работи“,
кажа тој.
НИС има, како што посочи, доволно време да им исплати плати на вработените, да им плати на сите добавувачи, да ги подготви своите вработени за сè што следи.
Во врска со т.н. секундарни сакнции, српскиот претседател предупреди дека секоја деловна банка може да биде казнета ако продолжи да соработува со НИС, нешто што би било катастрофално за инвестицискиот рејтинг и финансискиот систем.
„Ова не е прашање само за една компанија, туку за цела Србија. Кога НИС ќе ги потроши своите резерви, државата нема да може да и даде гориво од обврзните резерви, ниту, на рафинеријата, ниту на ‚Лукоил‘“,
рече Вучиќ.
Според него, снабдувањето со керозин и со авио-гориво во земјата ќе биде стабилно, а ќе има доволно енергенси до крајот на јануари.
Во меѓувреме, додаде дека земјата преговара со Арапските земји, Унгарија, Велика Британија и САД за нови договори.
Американските санкции врз НИС стапија на сила на 9 октомври во обид на американската администрација да ја спречи Русија да ги користи приходите од енергија за војната во Украина. Тие санкции претходно беа одложени осум пати.
Во 2008 година, Србија продаде 51 процент од акциите на компанијата НИС на руската државна компанија „Газпром нефт“ за цена од 400 милиони евра, без тендер.
Во меѓувреме, сопственичката структура на НИС е променета неколку пати, но таа сè уште е претежно во рацете на руски компании, додека Србија има 29,87 отсто од акциите.
