„Како претседател на Комисијата ќе продолжам да барам вистински одговори, затоа што институциите не смеат да молчат, а земјоделците не смеат да бидат оставени сами“, порача Николовски

Пратеникот на СДСМ и поранешен министер, Љупчо Николовски, реагира на одговорот на министерот за земјоделство Цветен Трипуновски за скандалот со суспензијата на ИПАРД-средствата, нарекувајќи го срамен и нагласувајќи дека тој воопшто не содржи никакви информации.
„Срамен и скандалозен одговор добив од Министерството и министерот во заминување на моите официјални барања. Барања во кои побарав јасно и конкретно: причините за суспензијата на ИПАРД, времетраењето на блокадата, бројот на загрозени корисници, последиците за земјоделците и планираните чекори за надминување на кризата. Наместо одговор на овие пет клучни точки, добив документ кој воопшто не одговара на ниту едно прашање. Нема факти, нема рокови, нема план. Собранието е понижено со ваков однос од министер кој и понатаму молчи, бега од пратенички прашања и одбегнува какво било соочување“,
реагира Николовски на Фејсбук.
Според него, земјоделците остануваат со блокирани исплати, блокирани проекти и замрзнати 130 милиони евра, без ниту една информација кога и дали проблемот ќе биде решен.
„Како претседател на Комисијата ќе продолжам да барам вистински одговори, затоа што институциите не смеат да молчат, а земјоделците не смеат да бидат оставени сами“,
стои во објавата на Николовски.
