Со овој план, Николовски вели дека државата ќе се обврзе да воспостави засилени механизми на контрола, ефективни антикорупциски мерки и поголема транспарентност

Суспензијата на исплатите за ИПАРД-програмата, која произлезе од корупцискиот скандал во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, доведе до блокирање на над 130 милиони евра инвестиции, предупреди денеска на прес-конференција пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски.
Николовски вели дека суспензијата предизвикала шок, недоверба и огромна неизвесност кај илјадници земјоделци и компании.
Тој објави колкав е импактот, колку проекти се засегнати и колкава е вредноста на инвестициите.
Според него, блокиран е целиот буџет од 128 милиони евра, но, како што вели, бидејќи досега на располагање на земјоделците се ставени 65 милиони евра со кофинансирање, тоа се вкупно инвестиции во износ од 130 милиони евра „кои сега де факто се ставени во мирување“.
Николовски рече и дека 453 договори во вредност од 35 милиони евра се веќе склучени, од кои се исплатени само 10 милиони евра.
„Во моментов над 180 инвестиции вредни над 25 милиони евра се директно погодени, а уште 30 милиони евра во нови проекти се стопирани. Овие бројки ги потврди и соопшти и Министерството за финансии вчера“,
кажа Николовски.
Тој кажа и дека зад сите овие бројки стојат луѓе, земјоделци, фирми, семејства, кои вложиле сè со надеж дека државата и Европа стојат зад нив.
„Денес тие се оставени без одговор кога и дали ќе им бидат исплатени средствата“,
рече Николовски додавајќи дека македонското земјоделство е пред ризик од економски колапс.
СДСМ упати јасен повик до Владата и надлежните институции да го прифатат предложениот план за деблокада на ИПАРД-програмата во два чекора.
Првиот чекор е утврдување на фактичката состојба, обемот и слабостите. Николовски рече дека како претседател на Комисијата за земјоделство, веќе побарал детални информации за причините и обемот на суспензијата, со цел да се откријат институционалните слабости.
Вториот чекор што го предлага е изработка на Акциски план што ќе биде доставен до Европската комисија.
Со овој план, Николовски вели дека државата ќе се обврзе да воспостави засилени механизми на контрола, ефективни антикорупциски мерки и поголема транспарентност.
„Нашата порака до партнерите во Брисел мора да биде јасна и недвосмислена: ова е изолиран случај, надлежните мора да постапат, секој што е инволвиран ќе биде санкциониран“,
рече Николовски.
Инаку, случајот со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во руралниот развој доведе до времено стопирање на исплатите на средствата од ИПАРД-програмата.
Прашањето што се отвори и за кое копјата повторно ги вкрстија власта и опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) е кој ги стопирал средствата, односно дали одлуката е на Европската комисија или на институциите во земјава.
Министерството за финансии објави дека донело одлука за времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД-програмата. Додаваат дека за временото стопирање на исплатите уште истиот ден била известена Европската комисија, чиј повратен одговор бил дека ја поздравуваат одлуката.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, вели дека Министерството за финансии одлуката ја донело на негово барање, а причината, како што рече, е да се истражат сите злоупотреби што се случувале не само сега туку и претходно.
Социјалдемократите тврдат дека исплатите на ИПАРД не може ниту законски ниту процедурално да ги стопира ни претседател на влада, ни министер ни партија, туку тоа може да го направи само националниот овластен службеник за авторизација (НОА), институција што дејствува во рамките на Министерството за финансии, но работи независно, според европски пропишани правила и стандарди.
