Одлуката, како што додаде тој, стапила во сила веднаш, на неопределено време, сè до исполнување на одредени услови и акциски планови
Информациите за можната суспензија на програмата ИПАРД-3 се покажаа како точни. Во петокот околу 16 часот, од страна на националниот координатор за авторизација преку механизмот за суспендирање плаќања, е донесена и дистрибуирана до македонските власти одлука за суспендирање на ИПАРД-3 програмата, односно одлука за суспендирање на плаќањата во ИПАРД-3, информира денеска на прес-конференција Љупчо Николовски од СДСМ.

Одлуката, како што додаде тој, стапила во сила веднаш, на неопределено време, сè до исполнување на одредени услови и акциски планови.
„Оваа суспензија опфаќа целосен прекин на исплатите кон земјоделците и компаниите коишто веќе имаат склучени договори и веќе реализираат инвестиции од оваа програма, потпишување на нови договори и преземање на финансиски обврски од платежната агенција, како и објавувањето на нови јавни повици. Сето ова е под суспензија. Причината е скандалот со барање и примање на мито од страна на директорот на платежната агенција и уште четири други лица, вклучувајќи и блиска соработничка на министерот од Министерството за земјоделство“,
рече Николовски.
Како што посочи тој, седум години не се случило, во периодот на ИПАРД-2, кој се реализираше од 2017 до 2024 година, да има каков било проблем од ваков тип.
„Напротив, во тој период се склучени и реализирани рекордни 2 400 договори, повеќе од Србија, Црна Гора и Албанија заедно, со сите контроли коишто се направени на терен. Ова се случува, за жал, само во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2011 година, во ИПАРД 1, за жал, останавме со 12 отсто искористеност на европските средства и денеска, во 2025 година, во ИПАРД 3, повторно во време на ВМРО-ДПМНЕ“,
додаде Николовски.
За оваа одлука, информира тој, биле известени Владата, вицепремиерот за европски прашања, министерката за финансии и министерот за земјоделство.
„Прашуваме зошто Владата ја криеше оваа одлука од јавноста викендот? Дали власта со премолчувањето на оваа одлука се обидува да ги заштити вмешаните во овој корупциски скандал? Земјоделците и сите корисници на оваа програма заслужуваат да ја знаат вистината. Оваа поддршка е наменета за нив, а не за профитирање и лични интереси на било какви функционери“,
изјави Николовски и додаде дека ќе предложи измени во законската рамка при изборот на директор на агенцијата, но и за јакнење на независноста и контролните механизми на агенцијата со јасна одговорност за секоја злоупотреба.
