Очекувам дека со целокупната поддршка што компаниите ја добиваат и со олеснувањата на преработувачката индустрија, кои ги добиваат во делот на струјата, овие поевтинувања да не се само 8 или 10 отсто, рече министерот за земјоделство

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска рече дека не може да ги коментира цените на основните прехранбени производи, но очекува нивно намалување согласно поддршката за струјата што ја добија компаниите од преработувачката индустрија.
„Цените на основните производи не можам да ги коментирам, а очекувам дека со целокупната поддршка што компаниите ја добиваат и со олеснувањата на преработувачката индустрија, кои ги добиваат во делот на струјата, овие поевтинувања да не се 8 или 10 отсто туку намалувањето на цените да следи“,
рече Николовски одговарајќи на новинарски прашања пред средбата со малите производители на храна од „Алијанса премиум“.
Според него, надлежните институции и инспекторати таа работа во тој поглед треба да си ја завршат и да има соодветни контроли.
„Граѓаните очекуваат што е можно поевтини производи со зголемената поддршка во време на криза, особено кога се во прашање основните прехранбени производи. Очекувам дека сето тоа на крајот ќе се види во маркетите каде што цените треба да бидат намалени“,
нагласи министерот.
