Претходно се огласија и од РКЕ со порака дека ќе продолжат да работат според законите и врз основа на аргументите, а не на физичката сила
Вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски го осуди синоќешниот напад врз претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, од страна на синот на Муса Џафери, Аријанит Џафери, кој е сопственик на компанијата за снабдување со електрична енергија „У пауер“.
Во реакцијата тој порачува дека, без разлика на тоа за кој се работи, сите се еднакви пред законите.
„Го осудувам синоќешниот напад врз претседателот на РКЕ. Веќе се постапува по случајот. Ова е правна држава каде што институциите постапуваат еднакво за сите, пред законите сме сите еднакви, а несогласувањата може да се решаваат единствено преку процедурите и институциите на системот“,
вели Николовски.
Претходно се огласија и од РКЕ со порака дека ќе продолжат да работат според законите и врз основа на аргументите, а не на физичката сила.
„Сакам да ја информирам јавноста дека, како и досега така и отсега, РКЕ ќе продолжи да работи транспарентно и согласно законот, затоа што основен постулат во нашето дејствување е заштита на потрошувачите и обезбедување сигурност и стабилност во електроенергетскиот систем. Единствено по што се водиме е словото на законот, така и ќе продолжиме да ги водиме постапките врз основа на силата на аргументите, а не на физичка сила“,
изјави портпаролката на РКЕ, Марина Узунов.