Според целосните резултати од ДИК, Кандидатот на СДСМ освоил над две третини од гласовите на штипјани кои излегле на гласање. Одѕивот е 34,78 проценти
Сашко Николов, кој во изминатите повеќе од четири месеци беше пратеник на СДСМ во Собранието на С Македонија, се „враќа“ во Штип како градоначалник, со поддршка од вкупно 11 668 избирачи, според резултатите што ги објави ДИК од сите избирачки места од вчерашните дополнителни избори.
Според податоците од сите 81 избирачко место, на вчерашните дополнителни избори за градоначалник на Штип, на гласање излегле над 14 500 од вкупно 41 777 избирачи или одѕивот изнесува 34,78 проценти.

Николов освоил над две третини од гласовите на штипјани кои излегле на гласање. Второрангиран е кандидатот на Интегра, Симон Поликарп, со 1 198 гласа поддршка.
ДИК извести за 824 неважечки гласа, додека следните тројца кандидати имаат под 300 гласа.

ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше на дополнителните избори во Штип, а синоќа, по затворањето на гласачките кутии и соопштувањето на првичните резултати, од опозициската партија обвинија дека изборите биле спроведени со закани и уцени.