Тој информира и дека се преговара со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за набавка најпрвин на нови локомотиви, а потоа и на нови вагони
Почнаа работите на првата делница од проектот „Градски воз“, Зелениково – Драчево – Лисиче – Кисела Вода – Аеродром – Нова железничка, и треба да биде готова за шест месеци, односно на неа да почне да се сообраќа од почетокот на следното лето, информира денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Тој додаде дека делови од брзата пруга што треба да почне да се гради би се користеле во 2028 година.

„Идејата на проектот ‘Градски воз’ е постојаната железничка инфраструктура да се реконструира, да се реновира, да се крене на едно друго ниво и да се користи за градски сообраќај. Во Скопје има развиен систем скоро како детелина. Веќе на првата делница, која оди Зелениково – Драчево – Лисиче – Кисела Вода – Аеродром – Нова железничка, почна да се работи овие денови. Следната година ќе ги работиме другите две линии. Првата линија ќе биде готова за шест месеци, што значи дека некаде следното лето на првата линија ќе функционира градскиот воз“,
рече Николоски во денешното гостување во Радио Лидер.
Тој информира и дека се преговара со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за набавка најпрвин на нови локомотиви, а потоа и на нови вагони.
„Во однос на брзата пруга, започнато е да се изготвуваат физибилити студиите, градежните работи на терен треба да започнат следната година и да биде завршена за пет години, со тоа што делови од брзата пруга би се користеле во 2028 година“,
изјави Николоски.
Николоски во рамки на работната посета на Обединетото Кралство завчера на средба со претставници на Националната агенција за извозно финансирање – УКЕФ посебен фокус во разговорите ставил на изградба на брзата пруга како проект од национално и регионално значење што се реализира со огромна поддршка на Обединетото Кралство преку финансиска поддршка, како и пренесување на експертско знаење и практики, информираат од Министерството за транспорт.
Премиерот Христијан Мицкоски месецов изјави дека има интерес од страна на банките за финансирање на брзата пруга и оти следната есен се очекува да почне реализацијата на тој проект.
„Во овој момент работите одат во насока во која треба да одат, како што ги планиравме. Министерството за транспорт прави физибилити студија и студија за оценка на животната средина. Тоа е процес кој трае 270 дена и треба да заврши во мај, јуни. Потоа ќе се влезе во избор на конкурентен дијалог за изведувач на проектот и очекуваме во октомври, ноември, следната есен да почне реализацијата на овој проект“,
информираше Мицкоски.
