Во интервју за Сител, потпретседателот на партијата Александар Николоски вели дека според нивниот план, прво да се формира влада на национално единство составена од експерти, а по мај следната година да се оди на предвремени избори
Николоски не се гледа како лидер на ВМРО-ДПМНЕ
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, изјави дека неговата партија во Собранието интензивно разговара со неколку политички партии кои се дел од коалицијата СДСМ-ДУИ, но не припаѓаат на СДСМ или ДУИ, туку се помали политички партии, со цел уривање на Владата.
„И тие се незадоволни од националното предавство што и се случува на Македонија и од сериозната економска и здравствена криза. Многу брзо, по празниците, мислам дека јавноста ќе има што да види“,
изјави Николоски во интервју за Дневникот на Сител.
Она на што се работи е план од два чекори – интерпелација, а потоа гласање на доверба на Владата.
Сепак, тој истакна дека овој план има уште едно сценарио, а тоа е Владата сама да си поднесе оставка, по што би се формирала влада на национално единство, составена од експерти и со поддршка од сите политички партии. Нејзина цел ќе биде да ја надмине здравствената и економската криза.
„Доколку почнат сега да работат, можат тоа да го направат до април-мај и веднаш потоа да се оди на предвремени парламентарни избори на кои Македонија ќе добие нова политичка влада, убеден сум, предводена од ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Николоски, додавајќи дека е убеден оти Владата ќе си поднесе оставка.
Николоски рече дека не се гледа како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека на редовниот конгрес идната година планираат да усвојат нова програмска доктрина на партијата и нови конгресни документи кои ќе ја определат патеката во следната декада 2020-2030 година.