Доколку има двотретинско мнозинство во Собранието изминативе година дена, десет пати ќе ги ставеа на дневен ред и ќе ги изгласаа уставните измени, порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник , Александар Николоски во гостување на ТВ Алфа. Тој повтори дека темата за уставните измени е завршена за неговата партија и потенцира дека ниту еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа „за“.
„Најдобар доказ дека СДС тресат глупости, нема друг збор, и дека ја користат темата за де фокус од нивниот криминал и за останување на ден повеќе на власт, е тоа што не го ставаат предлогот на гласање година дена. Не може уставните измени да траат една година во една држава, а имајќи во предвид дека не го ставаат во Собрание, значи нема мнозинство. Ние одамна сме ја затвориле оваа тема, ниту еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа, ние не подржуваме уставни измени под бугарски диктат,“
порача Николоски.
Николоски повтори и дека уставните измени не се последниот услов што го испорачува Бугарија.
„Лани ова време се потпиша тој срамен француски предлог кој што во суштина е бугарски предлог. И лани ова време се зеде обврската за Уставот како и да други работи кои се поврзани со промена на учебници, кои се поврзани со промена на нашето сознание за нашата историја, самобитноста на македонската држава итн, кој што всушност јасно ги скицира претседателот на Бугарија Румен Радев во неговото последно писмо до европските лидери каде што вели не е доволно само промена на Уставот, туку имаме и други барања кон Македонија,“
додаде Николоски.
Денеска и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го повтори ставот дека има стопроцентна доверба во сите пратеници од неговата коалиција, уверен дека ниту еден од нив нема да ги поддржи уставните измени, реплицирајќи му на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој претходно порача дека во опозициската ВМРО-ДПМНЕ има луѓе кои се идеолошки наклонети за внесување на Бугарите во Уставот.