Тој најави дека во текот на денешниот ден ќе има прием кај неговото кралско височество кралот Чарлс што, како што рече, е едно посебно достигнување и чест
Со Велика Британија сериозно сме посветени на реализација на договорот влада со влада кој носи големи економски и политички придобивки, порача вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски по средбата со министерот за бизнис и трговија од Обединетото Кралство, Сер Крис Брајан, во рамки на Самитот за Западен Балкан – Берлински процес кој се одржува во Лондон.

Тој најави голем број средби со високи владини претставници на македонската владина делегација.
„Денеска ја започнуваме дводневната работна посета на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски во која покрај мене се и министерката за финансии, министерот за надворешни работи и надворешна трговија и министерот за европски прашања. Главната цел зошто сме тука е Берлинскиот процес, односно средбите на највисоко ниво кои ќе се одржат во текот на утрешниот ден. Берлинскиот процес го организира лично премиерот Кир Стармер и повторно ќе имаме чест во краток период од само 5-6 месеци премиерот Мицкоски да разговара со премиерот Стармер“,
изјави Николоски по средбата.
Тој најави дека во текот на денешниот ден ќе има прием кај неговото кралско височество, кралот Чарлс, што, како што рече, е едно посебно достигнување и чест.
„Имаме доста средби со членовите на Владата, само што завршивме со средба со министерот за трговија и економија, најзначајниот министер за нас, затоа што токму со овој ресор го потпишавме договорот влада со влада со кој на Македонија ѝ се ставаат на располагање 6 милијарди евра за инфраструктурни проекти. Веќе разговаравме за развојот на брзата пруга на Коридорот 10, каде што добро напредуваат работите. Веќе почнаа да се подготвуваат документите со цел почеток на работа, ветивме дека оваа есен почнуваме и еве почнуваме. По завршување на локалните избори кога ќе престанат ограничувањата од Изборниот законик ќе почнеме да работиме на болниците во Штип, Тетово и Кичево и, секако, на други на инфраструктурни проекти“,
посочи Николоски.
Во текот на утрешниот ден, додаде Николоски, ќе имаат и средба со директорот на Инструментот за меѓународна поддршка на Обединетото Кралство, министерот за Европа и Северна Америка и со министерот за транспорт со кој ќе потпишат меѓудржавен договор за соработка во делот на воздушниот сообраќај. Овој договор, потенцира Николоски, ќе значи зголемување на можностите за директни летови од Англија кон Македонија за повеќе туристи и повеќе бизнис. За утре најави средби и со неколку други министри.
„Тука се неколку финансиски институции со кои ќе разговараме за финансирање за реализација на големите проекти, така што и политичката и економската димензија е огромна и навистина ќе имаме плодна дводневна посета во Лондон. Првата средба со министерот за трговија и економија покажува дека сме на добра патека и дека се силно посветени на реализација на договорот влада со влада меѓу Македонија и Обединетото Кралство“,
изјави вицепремиерот Николоски.