„Сериозно разговараме за најмалку три категории на патувања да бидат ослободени од визи и тие три категории практично ќе ги покријат 80 проценти од граѓаните на Македонија. Сè уште не сме стигнале до целта, сè уште разговараме, но тоа е во рамки на овие разговори“, рече министерот за транспорт во интервју за Канал 5
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вечерва во интервју за Канал 5 изјави дека во рамки на соработката со Обединетото Кралство се разговара за ослободување од визи за македонските државјани за најмалку три категории на патувања во Велика Британија.

Со тоа, како што рече Николоски, практично ќе бидат покриени 80 отсто од граѓаните во Македонија.
„Можам да кажам првпат вечерва дека многу сериозно разговараме за најмалку три категории на патувања да бидат ослободени од визи и тие три категории практично ќе ги покријат 80 проценти од граѓаните на Македонија. Сè уште не сме стигнале до целта, сè уште разговараме, но тоа е во рамки на овие разговори“,
рече вицепремиерот и министер за транспорт.
Во интервјуто за Канал 5, Николоски најави дека договорот за стратегиско партнерство со Велика Британија, кој е различен од договорот влада со влада кој беше склучен неодамна, ќе биде потпишан во октомври годинава од страна на премиерот Христијан Мицкоски и британскиот премиер Кир Стармер во Лондон.
„Договорот за стратешко партнерство, којшто треба да ги постави темелите на целокупната политичка и економска соработка ќе биде потпишан во текот на октомври, договараме прецизен датум. Ќе биде потпишан во Лондон од страна на премиерот на Велика Британија и премиерот на Македонија, значи на највисоко можно ниво“,
рече Николоски.
Додаде дека поставувањето на односите помеѓу двете држави на овој начин е историска шанса за Македонија да добие сојузник во, како што рече, големите битки кои ги води државата.