„На 21 и 22 април владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски оди во Австрија на средба со австрискиот канцелар. Ова е едно од прашањата кое ќе се разговара на агендата. Ни останува уште Германија. Имаме и таму разговори преку Комората на странски инвеститори и на тој начин ние ги затвораме државите каде што најмногу циркулираат нашите превозници. Останува уште Велика Британија, која е надвор и од ЕУ и од Шенген и таму од поодоамна има други правила“, кажа тој
Владата работи на сеопфатно и долгорочно решение за проблемите со кои се соочуваат македонските превозници, рече денеска во гостување во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски посочувајќи дека клучниот фокус е ставен на олеснување на визниот режим и подобрување на условите за работа во странство.

По одложената примена на новиот електронски систем за евиденција на влез и излез во шенген-зоната, како и по признавањето на возачите на камиони и автобуси како професионалци во новата визна стратегија на Европска Унија, тој вели државата интензивно работи на склучување билатерални договори за долгорочни визи.
Со Бугарија и Грција, како што посочи, се водат разговори за целосно укинување на визите за превозниците, имајќи ја предвид честата дневна циркулација. Во меѓувреме, кажа дека Швајцарија веќе вовела ваков режим, додека во Хрватска мерките се во парламентарна процедура. Разговори се очекуваат и со Унгарија по изборите, а најавени се и дипломатски активности во Романија и Австрија.
Како земји каде што ќе треба да се постигне договор, Николоски ги посочи Германија и Велика Британија.
„На 21 и 22 април владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски оди во Австрија на средба со австрискиот канцелар. Ова е едно од прашањата, кое ќе се разговара на агендата. Ни останува уште Германија. Имаме и таму разговори преку Комората на странски инвеститори и на тој начин ние ги затвораме државите каде што најмногу циркулираат нашите превозници. Останува уште Велика Британија, кои се надвор и од ЕУ и од Шенген и таму од поодоамна има други правила“,
кажа тој на ТВ Канал 5.
Во однос на новиот електронски систем, министерот појасни дека не станува збор за промена на правилата, туку за нивна поефикасна контрола. Ограничувањето за престој до 90 дена во рамки на 180 дена останува непроменето, но додава дека дигитализацијата ќе овозможи попрецизна евиденција и ќе ги елиминира досегашните слабости на системот со печати во пасошите.
Николоски нагласи дека пристапот на Владата е системски, со јасно дефинирани чекори – признавање на статусот на возачите, одложување на примената на новите правила и интензивирање на билатералната соработка со земјите каде што најчесто работат домашните превозници.
„Првиот чекор кон системско решение беше новата визна стратегија што Европската Унија ја објави далеку пред предвидениот рок, каде првпат возачите на камиони и автобуси се препознаени како професионалци. Вториот чекор беше да ја одложиме примената на овој систем барем до крајот на септември за да можат земјите членки да се приспособат на она што ќе се решенија. Третото решение е да се идентификуваат земјите каде што најчесто нашите превозници одат. Тие се веќе идентификувани и со нив да се работи билатерално на долгорочни визи кои би ги издавале за нашите превозници, од една страна. Со Бугарија и Грција да има договори, имајќи предвид дека тука има дневна циркулација, да воопшто не се потребни визи и да нема ограничување“,
рече Николоски.
Дополнително, тој се осврна и на барањата за поврат на акциза за горивата, информирајќи дека веќе е покрената постапка за утврдување на реципроцитетот.
Од Управа за јавни приходи (УЈП), како што кажа, е побарано да достави податоци за странските компании кои добиваат поврат, со цел споредба со практиките во другите држави и преземање соодветни мерки.
„Македонија ги исполнува своите обврски, но не сите земји возвраќаат со ист третман. Затоа ќе инсистираме на целосен реципроцитет“,
вели вицепремиерот и министер за транспорт.
Николоски во февруари најави дека се разгледуваат три можни опции како да се реши проблемот со превозниците за нивниот престој во земјите од шенген-зоната, а кој настана со воведувањето на системот за влез и излез од ЕУ.
Првата варијанта што се разгледува е секоја земја членка да издава посебни визи за превозници, другата е тие да бидат изземени од правилото 90/180 како што е случај со пилотите на комерцијалните авиони и машиновозачите и третата опција е е комбинација меѓу првата и втората, односно камионските превозници да се третираат како прекугранични работници.
Во јануари превозниците со камиони неколку дена ги блокираа за товарен сообраќај граничните премини во државата. Освен македонските, блокада на граничните премини кои водат до Шенген-зоната правеа и превозниците од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Причина беше незадоволството на транспортните превозници од воведувањето на системот за влез и за излез од Европската Унија, според кој превозниците со камиони од земјите од Западен Балкан ќе се регистрираат како туристи и ќе можат да останат во земјите од ЕУ најмногу до 90 дена во период од 180 дена.
