Според него, вистинскиот предизвик во целата ситуација не е Софија, туку недостигот на јасна одлука кај клучните европски центри за идното проширување на Европска Унија
Во однос на негова претходо дадена изјава дека Албанија во блиска иднина нема да стане членка на ЕУ, Николоски рече дека и натаму стои зад тој став, појаснувајќи дека тоа не е поради недоволни реформи на Албанија, туку поради неизвесноста во самата Унија околу проширувањето
Добро е што водиме достоинствена политика во однос на евроинтеграциите и не правиме понижување на сопствената нација и држава. Не коленичиме, туку достоинствено ја водиме политиката. Ова вчера во телевизиско гостување рече вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, одговарајќи на новинарско прашање за влезот на државата во ЕУ, но и за неодамна изнесениот став на премиерот Христијан Мицкоски оти е подготвен да чека со децении без уставни измени, односно дека актуелната Влада нема да попушти пред барањата за уставни измени доколку не добие јасни гаранции за евроинтегративниот процес.

Ставот на земјава кон членството во Европската унија, како што вели, е јасен и конзистентен.
„Тоа што е до нас, го правиме. Во Планот за раст сме далеку пред земјите во регионот, што ќе се потврди и во новиот извештај што се очекува во јуни. Во делот на реформите го спроведуваме она што се бара, но има сегменти каде што немаме влијание“,
рече тој.
Според него, вистинскиот предизвик во целата ситуација не е Софија, туку недостигот на јасна одлука кај клучните европски центри за идното проширување на Европска Унија.
„Јасно е дека не е само Софија проблемот, туку дека е добар изговор за да не се реши проблемот. Чекаме неколку големи главни градови да одлучат дали сакаат проширување на ЕУ или не. Ако постои политичка волја, прашањето со Бугарија може да се реши за едно попладне“,
кажа Николоски.
Во однос на негова претходо дадена изјава дека Албанија во блиска иднина нема да стане членка на ЕУ, Николоски рече дека и натаму стои зад тој став, појаснувајќи дека тоа не е поради недоволни реформи на Албанија, туку поради неизвесноста во самата Унија околу проширувањето.
„Жал ми е што сум во право, бидејќи мојата цел беше навремено да предупредам. Улогата на политичарите е да носат одлуки врз основа на информации, но и да ја информираат јавноста за реалноста, за таа да може соодветно да се прилагоди“,
додаде вицепремиерот и министер за транспорт.
Кон крајот на минатиот месец, премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за европскиот пат на Македонија рече оти актуелната Влада нема да попушти пред барањата за уставни измени доколку не добие јасни гаранции за евроинтегративниот процес.
Воедно, тој упати и остра критика за начинот на кој претходната влада ја водела надворешната политика прифаќајки го условот за внесување на бугарското малцинство во Уставот на земјава.
„Ние ќе се бориме, ова се историски процеси, кај нашиот источен сосед политиарите за да го применат принципот на живковизмот чекаа децении за да се родат политичари од типот на тие што беа претходните седум години, така што ако треба и ние ќе чекаме децении, но политики кои директно влијаат врз нашиот идентитет а не нудат предвидливост и јасен крај на тој процес, јас сум кажал дека немам намера додека сум претседател на Влада по било која цена да влезам во таква авантура“,
рече тој.
Потоа, опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) упати критики за ставот на премиерот, посочувајќи дека тоа практично значи дека со оваа власт Македонија никогаш нема да стане членка на Европската Унија.
Ова, според СДСМ, е најсилно признание за изолацијата во која се наоѓа земјата.
