Преговорите за Изборниот законик практично влегоа во ќорсокак, информираше денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Тој ја обвини власта дека на подмолен и недемократски начин, сака да протурка решенија во парламентот без претходна дебата и без спротивставување на аргументите.
„Не се случило до сега да се менува изборен модел без консензус, не се случило до сега да се менува изборен модел без да учествуваат сите политички во дискусијата за истиот или барем најголемите“, рече Николоски.
Во изминатите неколку месеци, посочи тој, имало интензивна неформална комуникација помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и било договорено да се најде консензус за изборниот модел и за имплементација во законот на препораките на ОБСЕ и ОДИХР.
„Беше постигнат напредок на почетокот на оваа недела, и напредокот се однесуваше на тоа дека и покрај тоа што СДСМ поднесе законски решенија во Собранието, истите да бидат преформулирани, во моментот кога ќе се постигне финално решение. Нашиот став и тогаш и сега беше дека не треба да се брза, туку дека треба да се вклучи целокупната експертска јавност и да се има јавна дебата на која ќе се искристализираат најдобрите решенија“, изјави Николоски.
Тој вели дека партиите се согласиле бидејќи сега нема време, веднаш по завршувањето на изборите во април 2020, да седнат и во интензивни преговори да постигнат консензус.
„Сето ова падна во вода, кога СДСМ реши на сила, шверцерски и еднострано да ги турка нивните решенија низ собраниската процедура без консензус, без широка поддршка и без експертска анализа, спротивно на заложбите од неформалните контакти коишто ги имавме изминативе неколку месеци. Практично уште еднаш на дело имаме тиранија на партијата на власт над останатите политички групи во собранието“, порача потпретседателот на опозицијата.
За ВМРО-ДПМНЕ, потенцираше тој, најдобро решение е изборниот модел да биде чист мнозински модел по примерот на Велија Британија, Канада и САД бидејќи дава најдобар индивидуалитет на пратениците и поврзаност со гласачите.