Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски, додаде дека новата влада ќе продолжи „да царува со криминалот и корупцијата“ бидејќи е потпомогната од нејзините помали коалициски партнери од типот на ДОМ, ЛДП и Демократскиот сојуз кои ги нарече „приврзоци на владата на СДСМ“
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, денеска изјави дека новата влада предложена од новиот мандатар и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, е влада на „поразени политичари коишто економски и криминално ќе ја доуништат Македонија“ и додаде оти се работи за влада во континуитет во којашто доминираат Зоран Заев, Оливер Спасовски и ДУИ, а не нова влада.
„Ова е предлог на Влада која Ковачевски ја поднесува, а Зоран Заев ја потпишува. Затоа денес имаме состав на Влада којшто ќе го продолжи заевизмот и кој нема енергија за реформи, нема план за европските интеграции и нема предлози за подобар живот“,
рече Николоски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски, додаде дека новата влада ќе продолжи „да царува со криминалот и корупцијата“ бидејќи е потпомогната од нејзините помали коалициски партнери од типот на ДОМ, ЛДП и Демократскиот сојуз кои ги нарече „приврзоци на владата на СДСМ“.
„Затоа предвремените парламентарни избори се единственото решение затоа што е јасно дека оваа влада нема легитимитет и само дополнително економски ќе ја опустоши Македонија, а криминалот ќе продолжи да царува“,
додаде Николоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска за Дојче веле кажа оти оваа влада го загуби кредибилитетот од народот уште на локалните избори кои беа своевиден дебакл на сите политики на актуелната влада и повика на предвремени парламентарни избори.