Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, за смена на власта е потребно масовно излегување на локалните избори и посочува дека со одѕив од 70 проценти опозицијата ќе освои над 40 општини
Потребна е хомогенизација на опозициските гласови, со цел убедлива победа и на локалните избори, но и на предвремени парламентарни избори, за еднаш засекогаш да го исчистиме Зоран Заев, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во гостување на Алфа.
Според него, глас за помали политички партии е глас за СДСМ.
„На крај Заев направи влада. Тоа се случи лани, тој ги освои своите гласови толку колку што освои, што со притисоци, што со поткуп, што со некои традиционални гласачи во СДСМ. Гласовите во десницата се поделија, најголем дел дојдоа во ВМРО-ДПМНЕ, дел во Левица, дел во помали политички партии и Зоран Заев само за два пратеника повеќе формираше влада. Имаше места каде што ВМРО-ДПМНЕ за ситно не освојуваше пратеник плус. Така што, кога ќе додадете една маса од 60 000 гласа што отидоа надвор од орбитата на ВМРО-ДПМНЕ, ќе видите дека ВМРО-ДПМНЕ можеше да победи со разлика од шест до осум пратеника и сега да има една стабилна македонска влада, што во моментот го нема. И ова е една порака за локалните избори, се надевам и предвремени парламентарни избори, да се хомогенизираат опозициските гласови, гласовите од револт на едно место“,
рече Николоски.
Николоски смета дека за смена на владата е потребно масовно излегување на локалните избори и посочи дека со излезеност од 70 проценти ВМРО-ДПМНЕ ќе освои над 40 општини. Со тоа, според него, СДСМ и да не се согласува да има предвремени парламентарни избори, тие ќе се случат за неколку месеци.
„Ако народот сака промена на Зоран Заев и на оваа власт, мора масовно да излезе на гласачките места. Од седење дома, од коментари на Фејсбук, не се менува власт. Власт се менува на гласачки кутии. На парламентарните избори минатата година имавме 51 процент излезност, значи многу луѓе останаа дома. Ако на локалните избори имаме над 70 проценти излезност јас ве убедувам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи и во над 40 општини ќе има градоначалници“,
нагласи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.