„Сега сме во изборен период и согласно ограничувањата на ДКСК не може сите да ги презентираме, дел ќе ги презентираме по завршување на изборите, кои ќе бидат во насока на регулирање на цената и овозможување на младите многу полесно да си купат стан или куќа“, изјави министерот за транспорт
Министерот за транспорт Александар Николоски најави дека по локалните избори Владата ќе презентира мерки кои ќе бидат во насока на регулирање на цените на становите со што пристапот до купување би им се олеснил пред сè на младите. Тој ова го кажа одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Штип, конкретно во врска со поволностите за купување прво живеалиште што неодамна ги најави Народната банка.

Николоски констатира дека во последниот период цените на становите во неколку урбани центри наеднаш се зголемиле оценувајќи дека за тоа не постои ниту економска логика ниту одржливост.
„Јас познавам многу што продаваат, а малку коишто купиле по таа цена. Мора да се спуштаат цените, нереално високи се. Секако ние тука се обидуваме да помогнеме. Најголем фокус е кон младите. Затоа што тие се оние на коишто им треба живеалиште, особено оние кои првпат купуваат куќа или стан и во таа насока е поддршката, а ќе има и други мерки. Сега сме во изборен период и согласно ограничувањата на ДКСК не може сите да ги презентираме, дел ќе ги презентираме по завршување на изборите, кои ќе бидат во насока на регулирање на цената и овозможување на младите многу полесно да си купат стан или куќа“,
вели Николовски.
Народната банка на Македонија во понеделникот донесе мерки со кои се олеснува кредитирањето за купување или градење прво живеалиште за сопствено живеење. Сите лица со нерешено станбено прашање, односно оние кои немаат живеалиште на свое име ќе може да добијат станбен кредит со учество од 10 отсто од вкупната вредност на објектот. За сите останати, минималното учество се зголемува од постојните 15 на 25 проценти.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, информира дека мерките ќе стапат во сила од 1 декември годинава и дека пред сè се насочени кон млади лица и брачни парови.