На средбите било разговарано за продлабочување на врските, соработката во рамките на НАТО, како и за заедничките безбедносни операции

Заменик-претседателот на Владата, Александар Николоски, во рамките на својата работна посета на САД, остварил работни средби во Стејт департментот. Главна тема на разговорите било зацврстувањето на стратешкото партнерство, со посебен акцент на политичката стабилност и економскиот развој на Македонија.
Вицепремиерот Николоски се сретнал со Даниел Лоутон, заменик-помошник државен секретар задолжен за Европа. На средбата, како што информираат од кабинетот на Николоски, било потврдено дека односите меѓу двете земји се засноваат на меѓусебна поддршка, демократски вредности и создавање подобри перспективи за економска и трговска соработка.
„САД се стратешки партнер број еден на Македонија и држава која најмногу нè поддржува. Разговаравме за продлабочување на врските, соработката во рамки на НАТО во овие предизвикувачки времиња, како и за заедничките безбедносни операции“,
истакна Николоски.
„Зборувавме и за продлабочување на соработката во следниот период, очекуваме повторно да се активира Стратешкиот дијалог, каде ќе разговараме за заедничките предизвици што ги имаат двете држави. Тука е и трговскиот договор што треба да овозможи многу повеќе бизнис, многу повеќе трговија помеѓу двете држави и секако стратешкото партнерство кое што треба да значи просперитет, напредок, безбедност и прозападни вредности на Македонија”,
додаде вицепремиерот Николоски.
Еден од најважните делови од разговорите бил посветен на инфраструктурните проекти кои се од витално значење за македонската економија – паневропските коридори 8 и 10, чија изградба е клучна за безбедноста и економскиот напредок.
Било разговарано и за соработка пред сè во делот на енергетската транзиција.
Најавено е интензивирање на преговорите за договор кој ќе овозможи поголем обем на бизнис и трговија меѓу двете земји.
Вицепремиерот најави дека во наредниот период се очекува повторно активирање на Стратешкиот дијалог, каде што подетално ќе се адресираат заедничките предизвици и патот кон напредок.
По завршувањето на состаноците во Стејт департментот, Николоски ја продолжува агендата во Вашингтон со обраќање на глобалниот настан „Transforming Transportation 2026“.
